БЕЛ БОР (Pinus silvestris)


Белиот бор (Pinus silvestris) е еднодомно дрво со височина до 30 м и дијаметар 1 м. Крошната е правилна, пирамидална во млада возраст со растечки нагоре гранки распределени во пршлени, а кај старите дрвја добива изразено неправилна, заоблена, често форма на чадор. Кората во горниот дел на стеблото е жолтеникаво-кафеава и се одвојува на тенки, ципести лушпи. Во долниот дел на стеблото е темно- сива, длабоко напукана, обоена во црвено во пукнатините и се одлепува на долгнавести, неправилни плочки. Младите гранки се зеленикави, а покасно сиво-кафеави. Игличките се собрани по две во снопчиња, сиво-зелени по боја, долги од 4 – 7 см, засукани околу својата оска и малку искривени.
Обично опстојуваат на гранките до три години. Цветовите се еднополови, собрани во соцветија. Машките реси се жолти, јајцевидни и долги околу 1 см. Шишарките се појавуваат единечно или по две – три во пршлен. Младите се пурпурно-црвени и исправени, а зрелите сиви до зеленикаво-кафеави. Семињата се ситни – 5 мм долги и 2 мм широки.

Биолошки карактеристики и размножување:


Цвета во април – мај. Шишарките созреваат за две години. Исклучително витален вид дрво со голема способност за размножување. Се размножува со семе. Искористувањето не влијае негативно врз репродуктивниот потенцијал и процесите на возобновување на растението. Нема потреба од систем на ротација и ограничувачки проценти во експлоатацијата.

Распространетост:

Растението се среќава во Европа, северна Азија, Кавказ. Распространето на планините Голак и Влаина, при што поголемиот дел од шумите се од вештачко потекло. Природните шуми зафаќаат површини во планините над 800 м.н.в. Тоа е еден од видовите со најголемо значење за шумското стопанство. Достигнува до 2000 м.н.в.

Во медицината се користат:

Млади пупки – Pini turio, иглиците или листовите Pini folium, како и смолата.

Берба:

Пупките се берат од февруари до април кога се големи од 3 до 5 см. Сушењето е на обична температура, а можат да се сушат и во сушари на температура до 400⁰С. Се чуваат во хартиена амбалажа. Пупките имаат ароматичен, балзамичен мирис, како и горчливо ароматичен вкус. На површината имаат многу смола.

Хемиски состав:

Испитувањата покажаа дека содржат доста смоли, горчливи материи, танини, шеќери и тоа пинитол кој претставува изомер на манитолот. Пупките содржат доста минерални материи, а најмногу етерно масло до 30%. Етерното масло е богато со алфа пинен, бета пинен, кадинен, лимонен, борнеол, естри, алкохоли и силвестре. Листот содржи витамин С, витамини од групата на В комплекси витамин К. Витамин С содржи од 100-200 мг. Листот содржи каротини, а е богат со хлорофил. Во некои земји се користи и кората која содржи од 20-50% танини.

Лековити својства:

Белиот бор е многу ефикасен лек за лекување на градни болести. Делува силно противвоспалително, а делува и експекторантно односно го олеснува искашлувањето. Поседува и антимикробно дејство, како и антисептички својства. Интересно е дека внесувањето во затворен простор доведува до освежување на воздухот и негово дезодорирање.


Се користи против бронхит, кај туберкулозни болни, кај пациенти болни од бронхијална астма, како и при воспаление на грлото. Интересно е кога се врши инхалирање и тоа на лекови добиени од лисја, смола, пупки и етерното масло успешно може да се лекуваат воспалени синуси и крајници. Белиот бор делува и диуретично, го зголемува мокрењето, а ефектот се должи на етерното масло.
Постојат лекови Rovachol и Rovatin кои се користат за растворање на камен во бубрезите. Боровата смола Pix pini се употребува надворешно, како средство за премачкување на местата каде има појава на ревматизам, ишијас и невралгија. Кај ревматичните заболувања доаѓа до загревање на заболеното место и делува рубифасциентно. Се користи исто така за лекување на кожни болести (шуга, егземи, псоријаза), како и за лекување на рани. Сите делови од белиот бор кои содржат етерично масло и смола се користат како средство за инхалација, дезодоризација и озонизација.

Лекови:

Од борот може да се направат многу лекови во домашни услови за лекување на реуматски и кожни заболувања доволно е во када со топла вода да се стават борови пупки и лисја и да се стои во таа вода. Чај од пупки од бор и од борови листови се припрема како инфуз.
Една супена лажица се става на 300 мл врела вода, кисне 20-30 минути, се зема трипати по една винска чаша на ден засладена со мед.
Во зимскиот период овој чај е многу корисен бидејќи содржи витамин С, го подобрува имунитетот и успешно го припрема организмот против сезонските зимни заболувања. Може да се направи и боров мед. 100 г пупки од бор се ставаат во 500 г врела вода, треба да стои 1-2 часа и умерено да се загрева. Кога ќе се згусне се цеди и се меша со 1 кг мед. Се зема 4 пати дневно по една кафена лажица.


Претставува многу добар лек за градни болести. Надворешно од борот може да се користи боровиот катран кој се добива истовремено и од црниот бор и тоа за лекување на шуга, егземи и рани. Во аптеките се изработува и терпинско масло како 20% раствор кој се користи за лекување на градни болести и за бубрежни заболувања. Но и локално претставува стар лек за лекување на рани, чиреви, апцеси.
Борот во вондредни услови во секое време од годината можеме да го набереме свеж и од него да припремаме топли напитоци кои ќе го подобрат имунитетот и здравствената кондиција на организмот. Доколку во некоја просторија се чувствува непријатен мирис доволно е на шпоретот или во сад со врела вода да ставите листови и пупки од бор, целиот простор ќе добие арома и пријатна миризба на терпентин.


No comments:

Powered by Blogger.