Можности за подобрување на шумскиот транспорт во Република Македонија


Шумскиот транспорт е составен дел од стопанисувањето со шумите. Оттука подобрувањето на шумскиот транспорт претставува еден од приоритетите доколку сакаме современо и перспективно шумарство. Подобрувањето на шумскиот транспорт во иднина би требало да биде во насока на зголемување на густината на патната мрежа и подобрување на квалитетот на самите патишта.
Стопанисувањето со шумите базира на принципи на трајност и зголемување на шумскиот фонд како по квантитет така и по квалитет. Остварувањето на овие принципи е можно исклучиво доколку во праксата има добро организирано стопанисување со шумите како и добро организиран шумски транспорт. Значењето на шумскиот транспорт за стопанисување со шумите се состои во тоа што шумските транспортни средства обезбедуваат основни услови за успешно одвивање на производниот процес при стопанисувањето со шумите. Така значењето може да се согледа од конкретните финансиски показатели во врска со производните трошоци. Со оглед на фактот дека шумата не е еднолична, не може да зборуваме за универзално решение на транспортот во шума. Решенијата би требало да претставуваат модели на транспорт кои лесно ќе може да се приспособат на конкретни услови во пракса.
Моделите треба да понудат одговор на прашањето како да се организира транспортот, односно кое транспортно средство и која технологија ќе се користи во зависност од природните и стопанските карактеристики на даден дел од шумата. Мрежата на шумски патишта треба рамномерно да го отвори целото подрачје, при што рамномерноста не се однесува на растојанието помеѓу патиштата, туку таа се однесува на: стопанските, економското и еколошкото значење на одделни делови на шумата.
Во Република Македонија средната густина на отвореност со шумски патишта и јавните патишта кој поминуваат во шума, изнесува 10,55 м/ха, според ЈП Македонски шуми [4]. Притоа реалната состојба е дека дел од овие патишта се непродуктивни или делумно продуктивни во однос на транспортот на дрво. Најквалитетните шумски патишта кои се асфалтирани или макадам, првенствено имаат за цел поврзување на села и објекти, односно само делумно се во функција на транспорт во шумата, a најчесто овие патишта спаѓаат во категоријата јавни патишта.
Во РМ постојат делови од шумата кои не се отворени односно во нив не може да се стопанисува. Тоа се претежно клисури или други неповолни релјефни форми. Загрижува фактот што во голема мера не се доволно отворени неквалитетните и деградирани шуми. Во овие шуми тешко се извршуваат одгледувачките работи, а исто така е отежната заштитата на истите од разни влијанија, а пред се од пожарите.

Предмет на работа

Предмет на истражување на шумскиот транспорт претставува транспортот на дрвото од сечиште до крајниот потрошувач, како и движењето на луѓето и стоките во шума. Притоа се бараат решенија кои ќе овозможат максимална економичност и еколошки пристап при стопанисувањето со шумите. Ова е уште поважно ако се земе предвид фактот, дека најголем процент од вкупните директни трошоци за производство се прават во фазата на транспорт.
Шумскиот транспорт се карактеризира со свои специфики кој не се среќаваат во останатиот сообраќај. Овие специфики се производ на условите во кои се извршува шумскиот транспорт како и спецификите на процесот на производство на дрвни сортименти и други шумски производи.


Шумскиот транспорт се разликува од останатите транспорти во однос на: големата површина која е предмет на работа, нерамномерно распространета дрвна маса во просторот, нерамномерност на транспортот по насока, нерамномерноста на транспортот по големина, нерамномерноста на транспортот по време, сезонскиот карактер на шумскиот транспорт и друго.
Шумската патна мрежа има големо значење за развојот на шумарството а со тоа и развојот на државата. Притоа корист од шумата се добива од: искористувањето на дрвната маса, искористувањето на другите шумски производи (печурки, чаеви, мовови, лишаи, шумски плодови) и друго.
Од директните користи од шумата се добива значаен дел на општествениот приход во државата. Покрај развојот на шумарството, шумската патна инфраструктура директно влијае на многуфункционалниот развој на просторот и тоа преку:
1. Рурален развој на планинските села
2. Комуникација на луѓето од различни населени места
3. Туристичко и рекреативно значење на шумата
4. Достапност до разни објекти од радио и телекомуникациската сфера
5. Развој на ловот
6. Развој на сточарството, пчеларството и други гранки од земјоделието во планинските предели
7. Развој на рударството

Резултати

Согледувајќи ги спецификите на шумскиот транспорт како и големото значење на истиот за развој на стопанисувањето со шумите и развојот на планинскиот регион воопшто се наметнува потреба од соодветна анализа на моменталната мрежа на шумски патишта во Република Македонија. Дополнително би требало да се класифицираат патиштата според своите карактеристики, но и според функцијата што би требало да ја имаат во иднина.
Во пракса шумските патишта ги делиме по однос на повеќе критериуми и тоа: според подлогата (меки земјени, тврди земјени, макадам и асфалтни), според намената (рецептори, извозни и дотурни), според класата и техничките карактеристики (А класа, В класа, С класа и D класа или дотурни патишта), според продуктивноста (патишта на кои може да се врши дотур – продуктивни патишта и патишта на кои не може да се врши дотур - непродуктивни патишта) и друго.
За стопанисувањето со шумите еден од клучните проблеми е прашањето за отворање на шумата со мрежа шумски патишта. Отворањето на шумата не смее да се решава парцијално, од случај до случај и според моменталните потреби, или со изградба на некој шумски пат да се реши проблемот за транспорт само на одредена количина на шумски сортименти од некоја мала шумска површина, при тоа не водејќи сметка за целокупната патна мрежа, која треба да биде изградена на поголема површина или на целата површина на одредено шумско подрачје.


Ваквиот начин на работа би бил стихиен и не гарантира дека во одреден временски период ќе се изгради таква мрежа на шумски патишта, која ќе претставува оптимално техничко - економско решение. Поради тоа секоја подружница треба да располага со едно генерално решение за отворање на своите шуми со мрежа на шумски патишта чија реализација ќе трае доста долго, односно може да трае со децении.
Таквото генерално решение се вика генерален проект за мрежата на шумските патишта. Со генералниот проект за мрежата на шумски патишта во некое шумско подрачје, кој се состои од голем број на проекти на поединечните шумски патишта, треба да се решат следните два основни проблема:
1. Оптимална густина на шумските патишта, која се изразува во должни метри на шумските патишта на еден хектар шумска површина (м/ха).
2. Правилно категоризирање и позиционирање на шумските патишта, во мрежата на шумски патишта на едно шумско подрачје.
Генералниот проект на мрежата на шумските патишта претставува комплексна техничко - економска студија со која се решава проблемот на трајното отворање на шумата, што претставува првостепено значење за шумското стопанство. Изработката на генералниот план за отворање на шумата претставува прва фаза при планирањето и проектирањето на шумските комуникации. Тој се изработува за да се создаде солидна основа за отворање на шумата. Се изработува за подолг период на поголеми шумски површини кои претставуваат техничко - економска целина или таканаречени шумски подрачја. Од овој план во иднина би требало да произлезе деталното проектирање на шумските патишта.
Со цел да се изработат што поквалитетни генерални планови отворање на шумите, неопходни се детални научни истражувања со кои најпрво би се добиле теоретски модели за оптимална густина на патната мрежа, а понатаму и доближување на теоретските модели до реалните ситуации на терен. Вакви истражувања се направени со методологијата разработена од Здравко Трајанов [2]. Во следната табелата, е дадена оптималната густина на патната мрежа во зависност од сто годишното користење на дрвна маса.

Густина на патната мрежа во зависност од количината на дрвна зафатнина која се искористува за 100 години

Добиените резултати графички се прикажани во графиконот 1. Од истиот се гледа дека со зголемување на користењето на дрвната маса се зголемува густината на шумската патна мрежа.


Со зголемување на патната мрежа подетално би требало да се разработи моделот на извршување на услугата дотур на дрвни сортименти. Имено со зголемувањето на густината на патната мрежа се намалува средната дотурна дистанца. а се зголемува нормата која може да ја оствари одредено дотурно средство.
Податоците за нормите за дотур со трактор се дадени во следната табела. Притоа од табелата се гледа дека при дотур со трактор на трупци во пад по дотурен пат и превлекување на трупците во просек 50 метри, се остваруваат норми од 10,8 m /ден за 600 m до 21 m /ден за 100 m. Односно при дотур на трупци во успон нормата изнесува од 7,4 m /ден за 600 m до 18,1 m /ден за 100 m.

Дневна норма за дотур на трупци во успон со трактор

Во графиконот 2 е даден графички приказ за зависност на нормата за дотур на трупци со трактор во пад и успон во зависност од дотурната дистанца. Од графиконот се гледа дека нормата опаѓа со зголемување на дотурната дистанца.



Заклучок

Согледувајќи ја моменталната состојба со шумскиот транспорт, густината на шумската патна мрежа, планирањето и проектирањето на нови шумски патишта, како заклучок може да се препорачаат следните мерки:
1. Анализа и класифицирање на постојната патна мрежа
2. Изработка на генерални планови за отворање на шумите на целата територија на Република Македонија.
3. Изработка на проектна документација за планирање и изведување на шумски патишта.
4. Зголемување на густината на патната мрежа според потребите за нормално стопанисување со шумите
5. Редефинирање на постапката за утврдување на трошоци за дотур.

Користена литература:
[1] Радован Акимовски, “Истражувања врз проблемот за отворање на шумите во СР Македонија“, годишен зборник на ЗШФ, 1966, Скопје.
[2] Здравко Трајанов, “Модели на оптимални решенија на шумскиот транспорт во зависност од видот на сечата при стопанисување со шумите“, Докторска дисертација, 2008, Скопје.
[3] Z.Trajanov, Lj. Nestorovski, Optimal density of the road network in Republic of Macedonia, FAO/ECE/IUFRO seminar on infrastructure and transport in sustainably managed forest, Slovenian forest institute, Portoroz, 2008.
[4] Здравко Трајанов, “Работен ефект кај механизираните дотурни средства при близок транспорт на дрвото“, шумарски преглед, 2008, Скопје
[5] ЈП Македонски шуми, “Анализа на работењето на ЈП Македонски шуми“, 2008, Скопје
[6] Станојко Ангелов, “Шумски комуникации и транспорт“, Универзитет Св. Кирил и Методиј, 2001, Скопје

доц. д-р Здравко Трајанов

Извор: Наши шуми, број 58, окромври 2012


No comments:

Powered by Blogger.