Попова Шапка, бисерот на Шар Планина
Познато е мислењето според кое вистински скијачи се оние кои скијаат на Шапка, за разлика од „снобовите и шминкерите“ кои скијаат на Маврово. Според скијачите, во цела Македонија нема подобро место за скијање од Церипашина.
Овој туристички центар располага со многубројни скијачки патеки кои одговараат за почетници, но и за професионални скијачи, санкачи, сноубордери. Скијачките патеки се соодветни за повеќе ски-дисциплини, но скијањето надвор од патека, велат, било незаборавно доживување. Поклониците на екстремните спортови што трагаат по атрактивни скијалишта низ целиот свет го ставаат скијањето на Шапка и регионот Лешница во ранг со најдобрите.
Ваква е Попова Шапка, според многумина, еден од најубавите туристички центри во Европа. По неколку години пауза, на Шапка се врати и ноќното скијање, а последните неколку сезони во овој центар се вратија и српските, словенечките и хрватските туристи, а се поголем е интересот за скијање со сноуборд, посебно од туристи од Скандинавија.
Преку организација на планинскиот велосипедски маратон и традиционалните искачувања на Титов Врв и други дестинации на Шар Планина се прават обиди за заживување на овој центар и во летниот период, но, сепак, интересот за тој период од годината е се уште мал.
Иако важи за локација во која обично не недостига снег, годинава, него се уште го нема во доволна количина. Сепак, сончевото време, свежиот воздух и снегот, толку колку што го има, ги привлекуваат туристите од земјава и регионов.
Попова Шапка е сместена во срцето на Шар Планина на 1.780 метри надморска височина. Оддалечена е 18 километри од Тетово и 53 километри од Скопје и има асфалтиран пат кој поминува покрај неколку шарски села. До 2001 година до Шапка се стигнуваше и со гондолска жичарница долга 7 километри, но за време на воениот конфликт таа претрпе големи оштетувања и веќе не е во употреба. Сепак, денес на Попова Шапка може да се стигне многу лесно, со сопствен превоз или со организирана тура, за разлика од минатото кога припадниците на првата повоена генерација љубители на зимските спортови и планинарењето, за да си го овозможат задоволството да се спуштат по падините на Шапка, морале со часови да пешачат.
Госпоѓа Зорица од Скопје се сеќава како до пред изградбата на жичарницата, од Тетово до Попова Шапка оделе пеш, а скиите и торбите ги носеле магариња и коњи. Ваквата идила денес изгледа неверојатно, но светот се менува, модернизира, но, сепак, остануваат незаборавни сликите на нечии генерации за викендот на Шапка.
Што вели легендата за името Попова Шапка?
Според една од легендите, невообичаеното име овој центар го добил по некој поп кој си ја изгубил шапката. Селаните долго ја барале шапката, но не успеале да ја најдат. Во еден момент еден од нив извикал дека шапката е на брдото, бидејќи тоа личело на поповата шапка. Попот останал без шапката, а регионот го добил името Попова Шапка. Но, постои и друга верзија за тоа како оваа месност во Шарпланинскиот масив го добила своето име. Легендата вели дека еден православен свештеник вршејќи ја евангелската мисија, славска посета на православните домови по христијанско-македонските села на падините на Шар Планина, поминувајќи низ оваа месност бил маченички убиен, а неговото тело било оставено да го растргнат шумските ѕверови. На ова место пролеано со свештеничка маченичка крв е најдена само неговата шапка (камилавка) и затоа оваа месност се нарекува Попова Шапка.
Според историските податоци, уште во 10. и 11. век селата на Шар планина, посебно оние околу Попова Шапка, биле со православно словенско население. Како духовен центар во месноста „Плоча“, на Шар Планина, постоел манастир посветен на „Света Богородица“. Во записите, грамотите и другите историски документи се наведува дека овој манастир настанал во 12. односно 14. век. Во еден запис стои дека во 1641 година, манастирот е возобновен и возобновувањето траело се до 1646 година кога негов игумен бил монахот Јоаким, еден меѓу 14-те тогашни големи игумени на овие простори во чие време манастирот достигнал голем напредок на економски, црковно-просветен и културен план. Градбата на овој манастирски комплекс е своевидно обновување на едно од бројните насилно уништени православни светилишта на Шар планина.
Историски развој
Шар Планина, една од најголемите планини на Балканскиот Полуостров, богата со природни реткости, со својот голем масив, со 50 врвови над 2.000 метри и 25 врвови над 2.500 метри надморска височина, а должина на гребен од околу 80 километри, се одликува со идеални услови за развој на зимските спортови. Можностите за развој на овие спортови, како и на зимскиот туризам се речиси неисцрпни. Токму затоа, уште во средината на 20-тите години на минатиот век се појавиле и првите скијачи, планинари од Тетово, кои скијањето го започнале на пострмните делови на градот и некои ливади на подножјето на планината. Кон крајот на дваесеттите години и почетокот на 30-тите, тетовските и скопските скијачи првпат го откриваат пределот околу врвот Попова Шапка и од тогаш започнува историјата на, како што многумина досега го нарекле, бисерот на Шар Планина и еден од најпознатите скијачки центри на Балканот, Попова Шапка. Во 1929 година формирана е првата скијачка секција на Планинарското друштво Љуботен.
Од тогаш датираат и првите обиди за развивање на овој планински предел во туристички зимски центар за кој со право се вели дека е еден од најстарите скијачки центри на Балканот. Во 1934 година, мал број ентузијасти кои почнале да ги користат благодетите на Шар планина, го изградиле и првиот објект, планинарско-скијачки дом, на надморска височина од 1.710 метр. Овој дом располагал со четири соби во кои можеле да се сместат 20 кревети. Во текот на 1936 година, домот на Попова Шапка е реконструиран и на приземниот дел му е додаден уште еден кат. Со ова проширување сместувачкиот капацитет е проширен за уште 40 легла со што било овозможено овде да престојуваат до 60 луѓе.
Во истата 1934 година, кога бил изграден првиот планинарски дом, организиран е и првиот скијачки натпревар во Македонија. Од таа година, секоја сезона се одржувале скијачки натпревари со се поголем број скијачи од Македонија и околните земји, а тоа траело се до почетокот на Втората светска војна. Овие натпревари, велат, се предисторијата на Шарпланинскиот Куп.
По војната скијачките и планинарски ентузијасти од Фискултурното друштво – Љуботен и граѓаните на Тетово започнале со возобновување на домот разрушен во војната, кој повторно бил пуштен во употреба во 1946 година. Со ова првпат се создале услови за организирање на првиот Шарпланински куп во скијање во алпска дисциплина со меѓународно учество. На него учествувале претставници на сите поранешни југословенски републики, како и скијачи од Бугарија, Романија и Унгарија, во машка и женска конкуренција. Во 1954 година Шарпланинскиот куп влегува во календарот на Светската скијачка федерација.
Првите македонски скијачи
Според информациите од Шара куп, првиот тетовчанец кој завршил стручен курс за инструктор по скијање бил Цоне Аврамовски. Во 1932 година била отворена и првата скијачка секција при Соколскиот дом, раководен од Аврамовски, со што се овозможила организирана обука. Во овие години, Попова Шапка била се попосетена од скијачи, не само од Тетово, туку и од Скопје, Белград, Нови Сад и скијачи од Словенија. Меѓу скијачките пионири од Тетово се споменуваат и Никола Николовски Коларот, Александар Николовски, Владо Лешкоски, Миле Најденовски, Диме Јовановски Флејта, Никола Штејн, Ристо Ристоски, Иљо Антевски Смок, Александар Исаески Мошо, Александар Јовановски Пуљпуљ, Никола Гугувче, Кочо Богојевиќ, Леко Мартиновски, Виктор Аќимовиќ, Орестије Крстиќ, Жика Миљковиќ, Никола Ветери други. Тука се и ентузијастите од Скопје: Гого Попов, Никола Костоски, Слободан Ѓорѓевиќ, Милан Радин и други. Меѓу првите скијачи е и Нуриман Велију, познатиот скијачки ас од село Лисец, кој прв од селото им се придружил на тетовските и скопските скијачи, неговиот дом го претворил во преноќиште за скијачите, а во следните години и децении бил неколкукратен првак на скијачките натпреварувања на Попова Шапка. Тој во своето село формирал скијачко друштво „Шар“, од кое подоцна ќе произлезат врвни скијачи, меѓу кои и скијачката легенда Рефик Јаја.
Манастирски комплекс
Позначајни чекори кон развивањето на туризмот се преземаат во почетокот на 1960 година, кога почнува поосмислено да се гради концепцијата за развој на Попова Шапка.
Во 1992 се донесе одлука за возобновување на манастирот „Света Богородица“ на Шар Планина и преименување во манастирски комплекс „Свети Наум Охридски-Чудотворец“. Манастирскиот комплекс зафаќа површина од еден и пол хектар, а манастирската црква, со габаритни димензии 50 метри квадратни во основа зазема централно место во комплексот, на надморска височина од 1.730 метри што ја вбројува меѓу неколкуте цркви на најголема надморска височина на Балканот. Во склоп на манастирскиот комплекс се наоѓа планинарскиот дом „Конак“. Тој се наоѓа на самите скијачки терени на Попова Шапка и нуди можност за сместување на помали групи планинари или скијачи.
Денес на Попова Шапка се изградени голем број хотели, меѓу кои најпознати се „Попова Шапка“, (познат и како „Инекс“), „Славија“, „Тетекс“, а има и голем број одморалишта, планинарски домови, како и викенд населба со околу 500 викенд куќи. Цените за престој се релативно пристапни, а рестораните нудат солидни менија. Во плановите за натамошна обнова на овој центар е и инвестиција од 30 милиони евра за нова шестоседна жичарница, за нови патеки и за проширување на постојните, за поголеми паркиралишта и за реконструкција на главниот пат.
Драгица Христова за МИА
Извор: /www.mia.mk/
No comments: