Складот во Драчево се наполни со дрва
Полека се привршува успешната акција на Шумската полиција, СВР Скопје, и шумочуварската служба на ЈП “Македонски шуми“ – ПШС “Караџица“ од Скопје. Резултатите се одлични за Јавното, бидејќи конечно после подолго време успеа да се наполни складот во Драчево со огревно дрво и не само тоа, туку со квалитетно дрво за огрев.
Со тоа, и покрај тоа што неофицијално најголеми заслуги за оваа акција имаат припадниците на Шумската полиција, изгледа дека сепак најголем бенифит од сето ова ќе има Јавното претпријатие, бидејќи имајќи проблеми со “координацијата“ на производството, во одредени подружници дури и “трошки“ од ваков тип се од непроценливо значење за обезбедување на тековното работење и снабдување на складовите со дрва за огрев.
Шумочуварите го полнат скалдовите
Ако се
погледнат ефектите на шумочуварската служба во минатата година ќе се види дека
добар дел од пласираното дрво преку складовите на оваа подружница потекнува
токму од запленетите дрва, па не би изненадило ако тој процент во полза на
заштитата оваа година е најголем во историјата на подружницата. Изгледа тие
мора да ја спасуват специфичната “координација“ на подружницата со која своето
дрво наместо да го пласира преку складовитте истото да им се дава на
препродавачите на пенушка или на шумско-камионски пат.
Сепак од
целата акција за откривање и одземање на нелегално посечените дрва изненадува
фактот што не се знае чии се одземените дрва ?!? Без да се откријат сторителите
успехот би можел да биде непотполн, бидејќи тие сега ќе сечат многу повеќе за
да го надокнадат изгубеното. Постојат разни шпекулации за поврзаност на луѓе
“одвнатре“ во целата ситуација и како за тоа дека ова е всушнот борба за
превласт на контрола на територии, но МВР и инспекторатот за шумарство тоа ќе
треба да го испитаат и да ги откријат сторителите и нивните евентуални помошници.
Верувам дека многумина ги интересира што се случува со одземените дрва, па затоа тука накратко ќе ги објасниме поделбата на заштитата, постапката со откривање на нелегално посечни дрва и каде завршуваат истите. Да почнеме од почеток.
Постапка при откривање на нелегално посечено дрво
Согласно Законот за шумите член 81 чувањето на шумите во државна и во приватна сопственост се врши двостепено и тоа контролно-патролно и реонско.
Контролно-патролното чување го врши шумска полиција во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека реонското чување го врши шумочуварска служба во состав на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ и другите субјекти кои стопанисуваат и управуваат со заштитените подрачја без оглед на нивната намена. Тоа значи дека шумочуварската служба има надлежност горе во шумата односно во сечиште, а чим истото дрво излезе на јавен пат или се најде во населено место, тогаш за истото е надлежна Шумската полиција, но и МВР.
Во конкретниов случај затаила “координацијата“ на одговорните лица во Јавното претпријатие (како што милуваат да кажат на нивниот Facebook профил), па ситуацијата морало да ја спасува контролно-патролното чување и СВР Скопје. Чим нелегално посеченото дрво се појави на јавен пат или во населено место, тогаш тоа веќе не е во нивна надлежност и при вакви успешни акции т.н. “координатори“ можат само да се сликаат.
Сето ова била акција спроведена од Шумската полиција и СВР Скопје кои успеале да го откријат дивиот склад со огревно дрво. Се разбира дека во целата акција имале соработка и со шумочуварската служба, но најмалку (или никаква) со оние кои потоа си ја припишуваа заслугата. Според многумина, вакви скриени диви складови со нелегално посечено дрво има повеќе по планините, каде се чуваат нелегално посечени дрва и во зависност од потребите се спуштаат дрвата доле поблиску до потрошувачите и легалните складови на кои истите им се нудат.
Одземеното бесправно посечено дрво и дрвни сортименти од страна Шумската полиција со записник се предаваат во складовите на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми.
Што се случува со нелегално посеченото дрво
Согласно член 87-а од Законот за шумите, со одземената дрвна маса која е предмет на кривична или прекршочна постапка, освен средствата и предметите со кои е извршено кривичното дело или прекршокот, управува Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“.
Одземената дрвна маса Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ веднаш по известувањето од страна на органот кој известува е должно да го превземе и да го транспортира запленетото дрво до сопствениот склад.
За одземената дрвна маса се составува записник кој содржи податоци за дрвниот вид, дрвниот сортимент, количината, класата и локацијата (место викано/катастарска парцела) од каде потекнува и каде се одзема.
Одземената дрвна маса се продава и 30% го преостапува на државата
Одземената дрвна маса Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ ја продава согласно со ценовникот на главни производи и најмалку 30 % од одземеното дрво и дрвни сортименти ги преодстапува на државни органи, дирекции, јавни установи и други институции основани од државата, како и единици на локалната самоуправа за што Одлука донесува Владата на Република Македонија.
Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ од останатите 70% од вредноста на продадената дрвна маса должно е 20% да уплати на буџетот на Република Македонија додека 80% ќе ги користи за сопствени потреби.
Постои можност да биде вратена одземената дрвна маса
Сепак, доколку биде донесена правосилна одлука за враќање на одземената дрвната маса, Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ е должно да врати ист вид, количина и класа на дрвна маса согласно правосилната одлука.
Доколу Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ не располага со ист вид, количина и класа од одземената дрвна маса за истата ќе плати паричен надомест во висина на вредноста на дрвната маса.
Дали некој ќе се сети да им се заблагодари на најзаслужните
Според мене вистинските херои на оваа акција се припадниците на Шумската полиција, СВР Скопје и на шумочуварската служба координирана од нивниот шеф на заштита
Затоа се надевам дека конечно некој од Јавното претпијатие конечно ќе излезе и јавно ќе им се заблагодари на припадниците на Шумската полиција и на СВР Скопје за успешно спроведената акција и за услугата која им ја направија, додека шумочуварската служба ќе ја пофали за учеството во акцијата и големата пожртвованост и напори да се превезе одземеното дрво.
Во целата ситуација најмалку што можат да направат е да покажат барем минимум морал и почит, па наместо да се потепаат кој да си ги припише заслугите за оваа акција и да се слика пред запленетите дрва, јавно да ги пофалат и да им се заблагодарат на вистинските “координатори“ на целата акција.
No comments: