Вргањ летен (Boletus edulis)


Опис на видот: Плодното тело се состои од шапка и од дршка. Хименофорот е составен од цевчиња и се наоѓа на долната страна од шапката. Шапката има пречник од 5 до 30 сантиметри или поголема. Полукружна е, потоа испупчена и на крајот плосната, но никогаш вдлабната. Површината е светкава и малку леплива. Опсегот на боите се движи од кремова, портокалово-црвена, розеникава до костенлива, па дури и потемна. Цевчињата се 8 - 30 mm долги, имаат сунѓересто ткиво, прават каналче околу дршката и лесно се одвојуваат од месото на шапката. Во текот на растот цевчињата ја менуваат својата боја. Тие се прво бели потоа жолти и на крајот се зелени. Цевчињата завршуваат со пори (мали отвори) со иста боја кои стојат затворени подолг период, заоблени и аглести. Цевчињата и порите не ја менуваат бојата на притисок.
Дршка: 5 – 20 сантиметри висока, 2 – 7 сантиметри широка како буренце, потоа цилиндрична, цврста, бела до светло-кафеавa со белузлава мрежа која е делумно видлива во горниот дел од дршката. Месото е цврсто, а подоцна станува помеко, бело до белузлаво, со пријатен мирис (како орев) со типичен вкус. Шапката не менува боја кога ќе се пресече.
Живеалиште: расте во шуми и е во микориза со дрвјата. Плодните тела се јавуваат на површината од земјата и растат поединечно или во групи.
Слични и сродни видови: Родот Boletus вклучува околу 20 видови од кои најпознати во Македонија се: Boletus edulis, Boletus pinophilus, Boletus aereus и Boletus reticulatus. Boletus edulis лесно се заменува со овие видови. Сите тие имаат цевчиња и пори кои на почетокот се бели, потоа жолти и зелени на крајот. Имаат бела мрежа и не ја менуваат бојата на допир. Разликите се следниве:
·         Boletus aereus има шапка со црна до чоколадно-кафеaвa боја, расте во дабови
и костенови шуми. Тоа е вид од Европската црвена листа. Во Република Македонија е дел од Прелиминарната црвена листа на печурки и не треба да се собира.
·         Boletus pinophilus има шапка со црвено-кафеaвa или костенлива боја, бојата на работ на шапката е посветла. Најчесто расте под борови.
·         Boletus reticulates живее во листопадни шуми, и има шапка со посветла до белузлава боја. На суво време шапката испукува во ситни лушпи.
Делови кои се собираат: Плодното тело.
Време на собирање: јуни – ноември.
Алатки за собирање: Собирањето се врши рачно.
Метод на собирање: Се собираат со завртување со цел да се зачува мицелиумот неоштетен. Полека се завртуваат и внимателно се извлекуваат од почвата. Местото од кое е извлечено плодното тело се покрива со околниот супстрат. Собирајте здрави печурки, заедно со целата дршка. Особено се ценети печурки со пори и со шапки широки од 4 до 8 сантиметри. За собирање се употребуваат сламени кошници. На местото на собирање треба да се остават најмалку 20% недопрени печурки. Плодните тела не смеат да се собираат ниту да се сечат со нож. Не се собираат незрели, недоволно развиени (дијаметар на шапката помал од 2 сантиметри) или стари (кафеави или скоро црни листови), црвливи или примероци кои се наоѓаат во близина на сообраќајници или депонии.
Третман по собирањето: Се употребуваат во свежа состојба. Може да се сушат, саламурат, маринираат или да се замрзнуваат.


No comments:

Powered by Blogger.