Енормно сечење на шумите во Македонија


Еден од највредните ресурси во Македонија - шумите, се под жесток удар на дивите сечачи. Под нивната наезда во последниве години изчезнаа илјадници хектари со бука, костен и други видови дрвја.

Шумите се природен извор на чист воздух

Државниот советник во Министерството за земјоделство и шумарство Војо Гоговски вели:„Најзагрозени региони во моментов се Прилеп, Ресен, Радовиш и скопско – кумановско – тетовското подрачје.“
Дојче Веле се најде на еден од терените каде што се уништуваат најнемилосрдно цели шумски појаси во должина и по четири километри, заради профитирање од препродажбата на дрвото за огрев.
Уништени огромни шумски појаси во многу региони
Голини, жална глетка на она што останало од високите дрвја. Неодолива асоцијација на гробишта создаваат редовите недоисечени стебла на половина метар над корењата. Жителите од Теарце, во месноста „Три воде“, длабоко во пазувите на Шар Планина, говорат спонтано пред микрофонот на Дојче Веле:

Дивите сечачи ги опустошуваат планините

„Ненормално се сече планината и тоа се од диви сечачи, а особено и од овие што ги земаат шумите под концесија.“
„Па, може годишно и до 10 илјади кубни метри дрва да сечат“
„Се е исечено, утре пожар може да настане. Останати се само гранките горе, ништо друго.“
„Планинскиот предел се чисти. Е, не може да има рамнотежа, нема повеќе озон. И срцето ќе го нема планината, а не само белите дробови. Ќе се исече и дури да порасне ќе бидат потребни децении, не години. Па и столетија. Имало таму, сигурно, шуми и од 150 години.“ „Јас сум видел во Австрија: едно исушено дрво го вадат со хеликоптер и садат друго на истото место. Тие дрвото едно ако е не оставаат да го нема, а ние – цела шума ја снемува!“
Дивата сеча на шумите е многу исплатлив бизнис изразен и во стотици илјади евра: „Оние што го водат ги користат сите расположливи мерки да ги тргнат пречките“, вели Јордан Зархадов, раководител на шумската полиција. Од јануари до крајот на мај годинава шумската полиција поднела околу 1800 пријави против дрвокрадците, но, се жали дека тие завршуваат во фиоките на обвинителството, или на долгите листи на чекање во судот.
Нелегелна сеча во Прилепско

Нарушена е природната рамнотежа

Во меѓувреме, продолжува страотниот масакр врз шумите. Војо Гоговски, кој е доктор по шумарски науки, посочува на катастрофалните последици:
„Има влијание вкупно врз целиот биотоп на подрачјето. Бидејќи шумата е главниот регулатор на подземните води, драстично паѓа нивното ниво. Се намалува и штедроста на изворите. Со бесправната сеча и со нарушувањето на склопот – хармонијата имаме директно дејствување на надворешните природни влијанија врз почвата: доаѓа до ерозија, поплави и т.н.“
Доктор Љупчо Меловски, професор на Природно - математичкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје и претседател на Македонското еколошко друштво, нагласува на уште една последица од масовната бесправна сеча на шумите во земјата:

„Кога човештвото се соочува со климатските промени, кои настануваат, стана апсолутно јасно дека не сочувувањето на шумите, туку нивното зголемување е еден од начините на борба против климатските промени, заради врзувањето на јаглеродниот двооксид, кој во вишок го испуштаме од согорувањето на енергенсите.“
Она што природата и го дарила на Македонија, дрвокрадците и го одземаат. Локалното население, екологистите, експертите, прашуваат: „До кога ќе се толерира ова, до кога државата ќе биде немоќна во справувањето со организираната шумска мафија, на која и е поважен мирисот на парите од мирисот на шумата и девствената природа?“

Извор: /dw.com/


No comments:

Powered by Blogger.