Движење во природа со помош на карта
Движењето во природа со помош на карта претпоставува добро познавање на карактеристиките на картата а се спроведува со предходна подготовка која ги опфаќа следните елементи:
· одбележување и проучување на маршрутата на картата,
· одредување на должината на мар-шрутата и времето потребно за нејзино совладување,
· одредување азимути за одредени делови од марш-рутата,
· избор на ориентири за контрола при движењето и
· изработка на шема за движење.
Одбележувањето и проучувањето на маршрутата на карта подразбира дефинирање на просторот каде што треба да се врши движењето, согледување на карактеристиките на теренот, согледување на разни природни препреки, проучување на сите нагорнини, надолнини, карактеристични облици на релјефот, пошуменост и слично. Наведените и разни други компоненти кои се присутни во просторот мора да се имаат предвид за да може со помош на карта лесно да се врши непосредна ориентација во просторот во кој се наоѓа маршрутата.
Одредувањето на должина на маршрутата и на времето потребно за нејзино совладување подразбира подетално проучување на одделни делови од истата каде главно се земаат предвид, растојанието, наклонот на теренот и кривините на патеката. Во тесна зависност од наклонот на теренот се наоѓа времето за движење. Во таа смисла доколку земјиштето е со просечен наклон од 0-5 се зема брзина од 5 км/ч, ако наклонот е од 5-10 тогаш брзината на движење се намалува за 1 км/ч односно изнесува 4 км/ч, а за случаите кога има наклони над 10 тогаш потребно е да се измерат сите нагорници и падови и за сите да се определи посебна брзина со тоа што за движење по удолнина брзината се зголемува на 6 км/ч. Покрај ова на мерените вредности им се додава уште 3-5% заради грешки при мерењето на кривините.
За одредување траси кои се недоволно прегледани, еднолични и слично се применува движењето под азимут кој се врши со помош на бусола. При движењето во природа со карта на просторот односно трасата по која треба да се изведе движењето неизоставно се бираат уочливи објекти како ориентири кои го олеснуваат движењето во природа.
Движењето започнува од некоја почетна точка каде прво се ориентира картат, се врши ориентација во просторот, се одредува стојалишната точка и започнува движењето кон останатите контролни точки се до целта. Притоа секогаш треба да се има предвид правилото за непрекината ориентација на секој дел од маршрутата. При движењето мора да се внимава на времето, секогаш треба да сме сигурни дали сме на право место, а во услови на ограничена видливост се применува движење со помош на бусола и азимут.
Извор: /macedonia-hunting.com/
No comments: