Климатски промени: Македонија осма најзагрозена држава во светот
Новиот климатски индекс на „Џерманвоч“ ја става Македонија на високото осмо место во светот според степенот на загрозеност од климатските промени во 2016 година. На самиот врв се Хаити, Зимбабве и Фиџи.
Македонија се најде на осмото место на табелата на најзагрозени земји во светот од климатските промени за 2016 година, која денеска ја објави германската организација „Џерманвоч“. Во претходната анализа од 2015 година, земјата се наоѓаше на, исто така, високото 18 место.
Глобалниот климатски индекс 2018 анализира до кој степен земјите се погодени од последиците на временски непогоди (бури, поплави, топлотни бранови, и.т.н.). Генерално, степенот на загрозеност е далеку поголем кај помалку развиените земји во однос на развиените индустриски држави. Од „Џерманвоч“ велат дека индексот е предупредување за она што во иднина би можело да се случува како последица од екстремни временски непогоди и климатските промени.
Индексот на климатски ризик во 2016 година
Екстремни температури и поплави
Високото рангирање на Македонија во однос на ризиците се должи на два настана кои се случија во 2016 година. Првиот беше извонредно студената зима која ја зафати источна Европа и која имаше влијание и врз земјата, со температури кои неретко паѓаа и под 20 степени Целзиусови. Вториот настан се катастрофалните поплави кои зафатија делови од Скопје.
„Од 6. до 10 август поројни дождови предизвикаа големи поплави во главниот град Скопје. Големите наноси предизвикаа брзи поплави во кои водата достигнуваше висина и до 1,5 метри, а во кои 21 лице загинаа. Во северните делови на Скопје 70 проценти од куќата беа оштетени како резултат на дождовите“, се наведува во извештајот.
Скопје- последици од катастрофалното невреме
Според тоталниот број на жртви од временски непогоди во 2016 година, Македонија се наоѓа на 44 место во светот, но според бројот на жртви на 100 илјади жители, таа е на високото 5. место. Според процентот на загуби од брутодомашниот производ, земјата е исто така на високото 9. место.
Од соседните земји, Грција е на 65 место, Косово е на 80 место, Албанија на 85, Србија на 91, а Босна и Херцеговина, Бугарија и Хрватска го делат 120. место.
Табелата која ги анализира природните непогоди во 20-годишниот период од 1997 до 2016 година, ја става Македонија на 112 место. Анализата ги опфаќа бурите, поплавите и екстремните температури, но не и геолошки инциденти како земјотреси, вулкански ерупции или цунами кои не зависат и не се директно поврзани со климатските промени.
Евакуација на жителите на Стајковци по катастрофалните поплави во 2016 година
Најпогодени од климатските промени во изминатите 20 години, според оваа статистика биле Хондурас и Хаити.
Прогнозите на експертите се дека ризиците поврзани со екстремните случувања ќе продолжат да се зголемуваат поради зголемувањето на глобалните температури. Сепак, директната поврзаност меѓу одредени временски непогоди и климатските промени е тешко научно да се докажат. Резултатите од анализата уште еднаш ја покажуваат ранливоста на сиромашните земји од климатските промени, и покрај тоа што апсолутните бројки покажуваат дека загубите се далеку поголеми во богатите држави. Загубите на живот, личните проблеми и егзистенцијалните потешкотии се далеку поголеми во сиромашните држави.
Извор: DW.COM
No comments: