Во бегство убијците на полицаецот (вест од 2009 година)

Ова е стара вест, но доказ за тоа колку се дрски и безобразни дрвокрадците и шумската мафија. Веста е пренесена во целост.


Се претпоставува дека нападот врз џипот на шумската полиција го извршиле дрвокрадци од селото Горно Количани како одмазда за нивните акции за спречување на нелегалната сеча на шумите на Китка Полицијата трага по напаѓачите врз патролата на шумската полиција кога беше убиен Игор Цветковски (34) од Скопје, а двајца негови колеги се ранети, завчера во близина на скопското село Горно Количани. Се претпоставува дека убијците се дрвокрадци од Горно Количани, но и од околните села, кои сакале да се одмаздат за акцијата на полицијата истото утро во реонот на селото. Меѓу осомничените е и Ејуп Кадри од Горно Количани, кој е во бегство.
Во нападот бил повреден и полицаецот Ј.В. (20), кој има прострелна рана во рамото и според лекарите, неговиот живот не е во опасност. Полицаецот Г.З. (48) добил нагмечување на градниот кош и фрактура на три ребра.
Според МВР, завчера околу 15 часот патрола на шумската полиција, која го контролирала делот од месноста Преслап до селото Црвена Вода на планината Китка, забележале два автомобила марка „москвич“ на кои се превезувале дрва. Полицајците им дале знак на возачите да ги запрат возилата (на кои им се исечени покривите за да се натоварат повеќе дрва) да застанат, но тие ја зголемиле брзината и продолжиле да возат. Едниот автомобил со голема брзина поминал покрај полициската патрола, која почнала потера по возилото.
По неколку минути полицајците го пронашле „москвичот“, на кој немало таблички, во канал покрај патот. Патролата потоа го запрела другиот „москвич“, со скопски таблички, што го управувал Аљат Османи (24), а како совозач бил Ејуп Кадри (19), двајцата од Горно Количани. Полицајците му наредиле на Османи со возилото да оди со нив за да ги спроведат до полициската станица во Драчево.
Кога дошле на околу еден километар од Горно Количани, Османи со „москвичот“ се спуштил во бездната покрај патот. Кадри скокнал од автомобилот и избегал, а Османи бил приведен.
Патрола на шумската полиција, во која биле Цветковски и Ј.В. и Г.З., околу 14 часот дошле на местото каде што бил оставен „москвичот“ на Османи. Заедно со полицајците дошло и влечно возило на Авто-мото сојузот за да го крене автомобилот од бездната. Откако го кренале и натовариле „москвичот“, влекачот на АМС тргнал кон селото, а пред него одел џипот „лада нива“ на полицајците. Додека се движеле по патот неколкупати биле пресретнати од автомобил, непозната марка, во кој биле напаѓачите.
Кога џипот дошол кај местото викано Чешма, од автомобилот излегло едно лице и со пиштол почнало да пука во полицајците. Со неколку куршуми во главата бил погоден возачот Цветковски, по што џипот изгубил контрола и се превртел. Напаѓачите избегале, а екипата на АМС ја повикале полицијата.
На местото веднаш стигнале „алфите“, по што дошле и припадници на Единицата за брзо распоредување кои почнале да ги пребаруваат шумите околу селото.Полицијата извршила претрес во домот на Османи и пронашла еден оптички нишан за пушка и една празна рамка за пиштол.
По инцидентот, екипа на „Дневник“ беше во селото, но освен деца, немаше никој по улиците. Неколку љубопитни селани заедно со новинарите го набљудуваа увидот на полицијата. Дел не сакаа да коментираат за инцидентот, другите беа револтирани од нападот. Тие изјавија дека шумите се соголени од дрвокрадците и дека најчесто се принудени да ги купуваат дрвата од нив. Додека траеше увидот на местото на убиството, дојде и министерот за земјоделство и шумарство, Ацо Спасеновски.
Шумските полицајци се честа мета на дрвокрадците. Пред три години беа убиени двајца шумски полицајци кај Матејче. Последниот напад беше во септември лани кога дрвокрадци вооружени со „калашникови“ во реонот на скопските села Црешево и Виниче пукале во полицајци и раниле еден припадник на ЕБР. Во јули лани дрвокрадци од автоматско оружје пукале од неколку позиции кон „алфите“ кога полицајците забележале десетина камиони полни со нелегално исечени дрва, во атарот на скопското село Булачани.
Владата во јуни 2007 година го задолжи МВР најмалку три пати во месецот да спроведува акциски контроли заедно со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Даниела Вељановска Фото Маја Златевска

Извор: Дневник / 13.06.2009


No comments:

Powered by Blogger.