ВОДНО – дел од сопствениот градски урбан идентитет на Скопјани


Оние што некогаш решиле да изградат град токму на местото каде што е сега Скопје, знаеле што прават. Градот е на реки: пред сè Вардар и Треска, некогаш Серава, а богами и Лепенец не е предалеку. Градот е рамен, а е преполн со брда и планини: Гази Баба, Зајчев Рид, Кале, Скопска Црна Гора, па и Караџица... И, секако, омиленото скопско брдо, едвај планина, што би се рекло, најпосетуваното градско излетиште – Водно. На него ни завидуваат и голем број на странски посетители на нашиот грлавен град, бидејќи ретки се главните градови кои имаат таква привилегија во нивна близина да има вакво катче за рекреација и бегство од урабиот стрес.
Во изминатиов период Серава се затрупа, течението на Вардар се поремети, обработливите површини во Скопското поле речиси целосно се изгубија во уранистичкото лудило..., но ништо толку не ги разгневи скопјани како уништувањето на Водно. Зошто?
Осетливоста и сентименталноста на скопјани кон Водно, кои во последно време се толку многу изразени, но и испровоцирани, се сосема разбирливи. Имено, Водно е единствената планина во Европа која во животниот век на една генерација е целосно пошумена и во голема мерка оголена, при што, како што сега стојат работите, оголувањето допрва стартува.


Изградбата на уште една грдосија на врвот на Водно, таканаречената телекомуникациска кула, а во суштина метално монструозно чудовиште, високо цели 155 метри, само се надополнува на систематското девастирање на планината последнава деценија. Новата кула, која, како што се гради на врвот, меѓу другото, би требало да биде и туристичка атракција, ќе подразбира сериозна логистика - паркинг, пат, придружни објекти (се предвидува да има и луксузен ресторан), што подразбира нов удар на кревката планина. 
Водно, значи до пред околу половина век, речиси пуста планина, ете, со големиот број на градеѓни активности има повторно шанси да опусти. 

Битката за пошумување на Водно

Проблемот, јасно, е еколошки, но и, што би се рекло, прилично физички. Водно, според преданијата, не го добива своето име поради богатството со вода (иако, може слободно и тоа да биде причината – според официјалните податоци, на Водно има дури 41 извор – пет на јужната и 36 на северната страна), туку поради големите порои што се спуштале до градот (и поплавувале голем дел). Сведоците велат дека куќите во подножјето често знаеле да бидат затрупани од огромно количество камења и кал што пороите го носеле со себе.


Овој факт, но и фактот дека Скопје треба да стане индустриски центар, ја тераат новата власт веднаш по ослободувањето да започне со пошумување на планината. Како што обично бива во поствоен период, за таа работа се ангажирани затвореници, околу 200 луѓе. Сепак, пошумувањето на Водно е преголем залак за овој тип акција, па од 1948 се оди во агитирање за доброволно пошумување на Водно; според скопскиот хроничар Данило Коцевски, во акцијата се вклучуваат сите градски слоеви: трговци, работници, професори, службеници...
Од 1949 година Народниот фронт презема широка агитација, па во пошумувањето учествуваат граѓани од сите скопски маала. Веќе од 1950 година за пошумувањето е задолжена тогашната Шумска дирекција. Во едно писмо до „Утрински весник“, надлежниот за пошумувањето, Благој Чамински, сведочи дека на пошумувањето постојано работеле 250 вработени плус околу 200 затвореници.
Се пошумувало сè до 60-тите години на минатиот век, а резултатот и од денешен аспект е фасцинантен – повеќе од 90 проценти од садниците се фатиле. Чамински вели дека каменестите површини биле минирани, па полнети со плодна земја за да може и тој дел да се пошуми. И денес се случува истиот процес. Истите тие површини се минираат за да може да се постави асфалт, каде што повеќе нема да може да никне никакво дрво.

Водно за лечење комплекси на новите политички и бизнис елити

Благоја Чамински говори и за обемните подготовки и за комплетната преселба на две села за потребите на пошумувањето. Горно Водно е преселено во Кисела Вода, а Долно Водно во Жданец. Вака исчистеното подножје влегува во очи на новата политичка елита, па тука се прави елитна населба за функционерите за лечење на нивните комплекси, а по земјотресот во Скопје, тука се населува и уметничката и интелектуалната елита.
По смената на системот, односно по осамостојувањето на Македонија, новите моќници под влијание на своите комплекси и за демонстрирање моќ дека им се може, исто така удираат пик на Водно, па почнува негова беспоштедна урбанизација. „Преродбеничката“ власт не се задоволува ни со тоа туку врз Водно ги проектира своите мегаломански архитектонски амбиции, градејќи жичари, туристички села, а еве сега и џиновски кули.

Дел од сопствениот градски, урбан идентитет на Скопјани

Токму тоа се причините зошто скопјани го чувствуваат Водно како дел од себе или, како што тоа денес би се рекло, како дел од сопствениот градски, урбан идентитет. Водно за скопјани беше слободна зона. За многу од градските деца тоа беше единствената природа што ја виделе. Шетањето по Водно за пубертетлиите беше сурогат, замена за авантури низ непроодните џунгли.


Таму се случуваа похрабрите милувања на првите љубови. Таму се воспитувавме на општествен живот и потреба од дружење и доверба. Конечно, таму, од терасата на хотелот „Средно Водно“, со кока-колата во раце, гледавме како расте нашиот град. Токму на терасата на овој хотел се снимани повеќе клучни сцени од филмот „Мементо“ на Димитрие Османли (1967), филм што токму зборува за постземјотресното Скопје и волјата градот да биде - град.
Оние што денес го уриваат Водно и ги уништуваат макотрпно садените дрва, очигледно ги немале овие искуства. Ниту на Водно, ниту на било кое друго важно место за граѓаните. Никако поинаку не може да се објасни ладнокрвното злосторство врз планината, но и врз човековите напори да создаде пристојно место за живеење.
И на крајот малку фактографија. Водно е прогласено за парк-шума во 1976 година (иако, се чини, никогаш конкретно не се исцртани неговите граници). Високо е 1067 метри (наскоро ќе порасне за уште 155 метри). Планината е долга 12 километри, а широка 5,5 километри, односно зафаќа површина од 4.573 хектари. На Водно, како што велат стручњаците, растат 1.010 видови растенија, од кои дури 868 се автохтони.
Веројатно повторно ќе треба да се пребројуваат.

Користени информации од: /okno.mk/

No comments:

Powered by Blogger.