Дознајте како се берат и подготвуваат печурките


Берење

Потрагата по печурки и нивното берење во природата претставува своевидно задоволство и хоби. Нема ништо лошо во берењето печурки во природа и покрај сите предупредувања на еколозите, секако, под услов тоа берење да се врши на цивилизиран, а не на вандалски начин. На природниот амбиент не му се прави никаква штета со берење на печурките доколку се почитуваат начините на берење и однесување во шумата. Ако ги избереме оние вистинските и ги береме на соодветен начин, нема да им ја уништиме шансата на овие билки повторно да се појават на истото место.
Како прво, треба да се знае дека печурките главно растат после подолг дождлив период, после кој деновите се топли и без ветер, затоа треба и да се одберат краиштата со ваква клима. На секој берач му се потребни соодветни чевли за одење по планина, пантолони од некој подебел материјал, кошула со долги ракави и јакна од импрегнирано платно, со капа, за случај на изненадни дождови. Не треба да се заборави ниту соодветно ноже, торба во која ќе се собираат печурките, серум против каснување од змија и еден стап.
Кога ќе стигнете во шумата, важно е да знаете да препознаете поволно место за берење. Ако забележите дека е топло и дека е ниска влажноста на воздухот, тоа значи дека печурките треба да се бараат повеќе во северните повисоки краеви, додека, ако има ветер, печурките треба да се бараат во долините. Ако е многу ладно и паѓа дожд, треба да се појде до некоја висорамнина свртена кон јужната страна. Меѓутоа, не се сите шуми соодветни за видот на печурки кои ви се потребни. Кај повеќето печурки всушност најпрво е потребно да се утврди видот на дрво под кое растат. На пример, вргањот претежно расте, во зависност од видот, под елки, буки, дабови, костени и лешници. Обично, доколку во сезоната нема поголеми временски осцилации, половината на септември претставува идеален период за собирање печурки, особено во зоните во кои растат ариш, костени под кои се простира голема тревна површина, потоа во населбите со брези и буки. Во топлите краишта, во кои наидуваме на поголеми концентрации на дабови и борови, со собирањето на печурки треба да се започне во втората половина на септември.
Кога конечно ќе го откриете теренот со печурки, треба да обрнете големо внимание на нивниот изглед и со тоа и нивната употребливост. Пред да им се приближите, со стапот треба малку да „пробуричкате“ околу местото каде што се наоѓаат печурките, за да не бидете изненадени од присуството на „несакани гости„, змии. Исто така, не треба многу време да се задржувате околу примероците со печурки кои не се доволно развиени, кои се мали и кои сè уште се наоѓаат во процес на созревање. Истото се однесува и на оние кои се презреани и кои повеќе не се добри за јадење. Нив обично ќе ги препознаете по присуството на црви во нив. Не е добро ни да се копа, во потрага на плодот под земја, затоа што така може да го уништите коренот на растението и ќе го прекинете неговото понатамошно растење. Примероците кои сте ги набрале треба да ги ставите во торба или корпа во кои претходно сте ставиле прачки од врба или големи влажни листови. Никогаш немојте да користите пластични кеси, затоа што тие го забрзуваат времето на распаѓање на хранливите делови на печурката.
Има многу малку печурки кои можат да се јадат сирови. Основно правило е да се испржат во тава без капак, за да може да испари водата и природната вода која се насобрала во печурките. Ако печурката е млада и здрава, може да се јаде цела: се отстрануваат оние делови кои се жилави или тврди. Покрај сите рецепти за подготвување на печурки, постои еден основен рецепт кој овозможува да се вкуси она што ја краси секоја печурка. Печурките во дебели слоеви се редат во тава или на дното од плитко тенџере, заедно со масло и путер, ситно сечкан лук, бибер и сол. Тогаш се става на оган и се пржи се додека не испари целата вода од нив. На крајот треба да се додаде ситно сечкан магдонос. Ова е основе рецепт на кој можат да се надоврзат сите останати (се додава домат, павлака, супа...) или се придодава на квалитетот на вкусот, со помош на кромид, мешан зеленчук, босилок, жалфија, оригано...

Накусо:
1. Прегледајте ги грмушките: грмушките на смреките и папратите се пријатели на печурките. Барајте ги во нивна близина.
2. Кога ќе ги најдете првите примероци, продолжете да барате на места еднакво изложени на сонце и прекриени со слични грмушки.
3. Подобро е да ги барате кога се качувате по ридот, затоа што печурките се кријат под корените кои се наоѓаат над земјата па симнувајќи се надолу потешко се гледаат.
4. Ценетите ливадски печурки и годат на тревата, која на тие места е со поголема густина и со поинтензивна боја. Погледајте оддалеку дали има кругови или ленти со потемна трева и барајте ги на тие места.
5. На местата каде што има пупавка по правило има и вргањ.
6. Кога листовите ќе паднат, барајте ги по рабовите од патеките. На местото каде што ќе пронајдете печурка, побарајте со рацете по листовите во околината, затоа што тука мора да има уште печурки.
7. Доколку е ладно барајте ги покрај ѕидовите.
8. Ако се наоѓате на тревна стрмнина опкружена со шума, барајте покрај рабовите доколку има влага и на рабовите од надолнините, доколку има малку влага.

Како се подготвуваат

Печурките треба да се очистат и да се сварат веднаш после берењето: со секој изминат час губат од квалитетот, а ако ги чувате предолго може да станат и штетни.


- Отстранете ја земјата и лошите делови
Со помош на шилест нож, со кратка и мазна острица, отстранете ги остатоците од земја, борови иглички и листови, кои се нафатиле на телото и шапката и помеѓу ливчињата. Ако телото е издупчено или нагризено од паразити, треба да се отстрани целиот оштетен дел. Фрлете ги и телата натопени со вода и дрвенестите и премногу влакнестите. Венецот на шапката е еден од највкусните делови и не треба да се отстранува.

- Потопете ги во ладна вода
Најнапред цели ставете ги во ладна вода, потоа брзо исплакнете ги под млаз вода и очистете ги со нож.
Ако не планирате да ги јадете веднаш, после миењето исечете ги и сварете ги до половина. Така можете да ги чувате неколку денови а да не се расипат, или пак да станат штетни. 

Извор: /idividi.com.mk/


No comments:

Powered by Blogger.