На Скопје му е потребен централен шумски склад


Кризата со огревно дрво си го прави своето, при што главниот град е најпогоден од тоа. Поради недостатокот од огревно дрво вистинска среќа е во Скопје да се купи огрев од ЈП “Македонски шуми“ или ЈПУЗП “Јасен“ кои единствени во главниот град го продаваат по цената донесена од Владата на РМ.
Всушност капацитетот на ЈП “Македоски шуми“ ПШС “Караџица“ е премал за да ги задоволи потребите на Скопје од огревно дрво, бидејќи наспроти потребните 320-350.000 m³, тоа може да произведе околу 30-35.000 m³ или околу 10% од вкупните потреби на главниот град.
Ваквата ситуација ја користат приватните складови, кои го продаваат своето огревно дрво по исклучително високи цени. Граѓаните во неможност да се снабдат со огревно дрво, се приморани истото да го пре-плаќаат и дополнително да го осиромашуваат семејниот буџет. Најголема полза од ваквата ситуација имаат приватните складови, со што веќе многумина се сомневаат дека целата ситуација која трае повеќе години е вештачки наметната за поединци кои имаат измешани интереси со приватните складови - но тоа се шпекулации.
Сепак ваквата ситуација не се одразува негативно само врз граѓаните на главниот град, туку и врз рентабилноста на ЈП “Македонски шуми“. Јавното претпријатие не само што губи дел од планираниот прилив на финансиски средства, туку е приморано да носи огевно дрво од другите градови на негов трошок. Ваквата ситуација се повторува во континуитет веќе повеќе години, а особено зема замав со појавата на приватните складови.

Централен склад во Скопје за ублажување на состојбите со недостаток на огревно дрво

Како решение за задоволување на огромните потреби од огревно дрво во нашиот главен град, амортизирање на неговите високи цени и запазување на рентабилноста во работата на ЈП “Македонски шуми“, се наметнува потребата од формирање на централен склад во Скопје.
На овој централен склад, би се продавал вишокот на огревно дрво исклучиво од подружницете од другите градови, но и огревно дрво кое би се набавувало од увоз. За да биде запазена и рентабилноста во работата на ЈП “Македонски шуми“, во цената на огревното дрво кое би се продавало тука би требало да бидат вкалкулирани и тошоците за превоз од подружниците до складот. Сепак и покрај ваквиот додаток на цената донесена од Владата на РМ, верувам дека крајната цена би била многу пониска од највисоката цена која граѓаните на Скопје ја плаќаат во приватните складови за огревно дрво.


Се разбира дека за оваа идеја потребни се сериозна анализа, студија и пресметки, но верувам дека крајниот резултат би бил во полза на граѓаните, бидејќи реално ПШС “Караџица“ според својот можен етат не е во состојба да ги задоволи потребите на главниот град од огревно дрво, а максималната цена која мора да го продаваат своето дрво е премногу ниска за да ги покрие реалните трошоци за носење на огрев од другите градови во внатрешноста.
Доколку Владата процени дека и во тој централен склад цената на огревното дрво би требало да биде иста како и во другите складови, тогаш би требало да ги покрие трошоците за негов транспорт до главниот град, во спротивно свесно ќе го турка ова јавно претпријатие во загуба.
За да се стави поголем ред во работата на централниот склад и да се изврши разграничување на потеклото на огревното дрво, најдобро би било овој централен склад да не биде под ПШС “Караџица“, туку директно под Дирекцијата на ЈП “Македонски шуми“. Тоа се наметнува како логично решение, бидејќи и сега Дирекцијата е таа која го одобрува, координира и организира дотурот на огревно дрво од другите градови.

Поголем акцент на трговијата во складовите на ПШС “Караџица“

Скопската подружница има одредени предности кои ЈП “Македонски шуми“ не ги користи во целост. Покрај тоа што таа се наоѓа во градот кој е најголем потрошувач на огревно дрво, таа има три склада кои се наоѓаат на исклучително атрактивни локации.
Во главниот град поради големиот пазар да имаш склад за продажба на градежен материјал, но и на што било друго е т.н. “златен рудник“. Мислам дека само од трговија преку своите складови (се разбира ако се работи домаќински и одговорно), оваа подружница во иднина би можела да остварува значителни финансиски средства и да биде една од најрентабилните подружници во составот на ЈП “Македонски шуми“.


Навистина не ми е јасно зашто никој до сега не ја согледал оваа можност и потенцијал, па во нив освен огревно дрво да продава и разна стока која се продаваат во останатите складови за градежен материјал. Но ова не е ништо ново за шумските претпријатија, бидејќи во минатото во нивните складови се продавала и друга трговска стока освен огревно дрво (цигли, цемент, дрвна граѓа, пелети, брикети, ќумур, јаглен и сл.). Очигледно нашите предци не биле воопшто глупави.

Сериозно да се размисли за иднината на ЈП “Македонски шуми“

Ова се наметнува како тема за сериозна анализа, бидејќи шумите не само во скопско туку и во целата држава се преискористени, па во иднина ЈП “Македонски шуми“ ќе има сериозни проблеми за рентабилност во својата работа. Реално, дополнително проблеми за рентабилноста може да предизвика и најавената гасификација на државата, со што ќе се намали пазарот за пласман на  огревното дрво кое е најголем извор на средства за финансирање на работата на ова јавно претпријатие.
Затоа, сите подружници ќе треба сериозно да размислуват за дополнителни приходи од недрвни шумски производи или од дополнителни дејности, како што се трговијата, ловниот и планинскиот туризам, угостителство, продажба на дивеч и месо од дивеч, производство на етерични масла, па зашто да не и чаеви и прозводи од шумски плодови и др.


Шумски расадник на ЈП“ Македонски шуми“ во Свети Николе 

Како пример може да послужи подрушницата од Свети Николе, која најголем дел од своите приходи ги остварува преку расадничкото производство. Значи и без да се има големо производство на огревно или техничко дрво, некоја подружница може да обезбеди средства за нормално функционирање.
Идеи има многу и можности уште повеќе, но потребна е сериозна анализа и стратегија за иднината на ЈП “Македонски шуми“ зашто едноставно – вака веќе не иде !!!

No comments:

Powered by Blogger.