Значењето на малите и средни претпријатија за ЈП “Македонски шуми“
Малите и средни претпријатија за шумарството (МСП), односно надворешните извршители како што се нарекуваат во ЈП “Македонски шуми“, имаат значајна и важна улога во работата на ЈП “Македонски шуми и воопшто за шумарството во Република Македонија. Ова се огледа во фактот што преку 90% од шумарското производсво на ЈП “Македонски шуми“ го извршуваат надворешни извршители, односно МСП кои извршуваат услуги од областа на шумарството.
Но оваа зависност е двонасочна бидејќи од друга страна ЈП “Македонски шуми“ е најголем нарачател на услугите на овие МСП, па така проценетата вредност на за услуги од фазите сеча, дотур и превоз со утовар и растовар на ЈП “Македонски шуми“ изнесуваат по околу 1 милјарди денари.
Затоа се наметнува впечатокот дека ЈП “Македонски шуми“ е премногу зависно од надворешните извршители, бидејќи речиси во целост нејзиното производство се остварува со нив. Имајќи го во предвид слабиот обем на реализација во ЈП “Македонски шуми“, може да се заклучи дека овие претпријатија не ги исполнуваат во целост своите обврски, со што големи штети трпи ЈП “Македонски шуми“. Ова најдобро се забележува преку збирниот коефициент на реализација кој од 0,69 во 2010 година и 0,60 во 2011 година.
Во продолжение можете да се зпознаете со некои интересни резултати од мојата магистерска работа, кои се однесуваат на Договорите за услуги од фазите сеча, дотур и превоз со утовар и растовар на ЈП “Македонски шуми“. Во ние се анлизирани годините 2010 и 2011 година, кои прилично многу се разликуваат во поглед на структурата на овие договори.
Причини за експанзијата на мали и средни претпријатија за услуги од областа на шумарството
Јавното претпријатие “Македонски шуми” е основано со Одлука на Владата на Република Македонија во 15.12.1997 година, со основна дејност стопанисување со шумите за стопанска намена во државна сопственост. Со формирањето на Јавното претпријатие користењето на шумите, односно фазите сеча, дотур и превоз ги извршувало со свои секачи, дотурачи и возачи.
Како резултат на Програмите за економски технолошки и структурални промени, претпријатието носи одлука фазите сеча, дотур и превоз да се извршуваат со надворешни извршители. Согласно производно-финансовите планови остварувањето на истите требало да се изврши со ангажирање на околу 1.500 надворешни соработници кои се планирало да се вработат на определено време до 9 месеци или по договор на дело.
Како резултат на тоа, поголем дел од работниците на Јавното претпријатие биле прогласени за технолошки вишок и основните средства за работа како што се моторните пили, тракторите, камионите и сл., кои биле во сопственост на претпријатието им било дозволено да си ги задржат. Со поголем број од овие работници, биле склучени договори за дело за сеча, дотур и превоз и тие стануваат надворешни соработници на Јавното претпријатие.
Сепак, од 2003 година до 2006 година наместо планираните работници на определено време, во производниот циклус од девет месеци во просек биле ангажирани по околу 300 соработници по договор на дело. Од 2006 година, според Законот за работни односи, престанува вработувањето по договор на дело и фазите сеча, дотур и превоз се изведуваат преку правни и физички лица регистрирани за соодветна дејност.
Ваквите постапки на ЈПМШ за економски технолошки и структурални промени и издвојувањето на несуштинските делови, доведува до формирање на голем број на МСП кои извршуваат разни услуги од областа на шумарството. Како резултат на тоа, во денешно време ЈПМШ секоја година потпишува голем број на договори за извршување на услуги од фазите сеча, дотур и превоз, со разни МСП регистрирани за соодветните дејности.
Анализа на 2010 и 2011 година: ЈП “Македонски шуми“ најголем корисник на услугите на МСП од областа на шумарството
Според бројот и вредноста на потпишаните договори, како и според бројот на МСП кои вршат услуги од областа на шумарството, ЈП “Македонски шуми“ како најголем стопанисувач со шумите во државна сопственост е најголем корисник на нивните услуги. Тоа нив ги ангажира преку огласи за извршување на јавни набавки, кои се однесуваат на шумарски услуги од фазите сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти. Вкупната бројка на МСП кои за ЈП “Македонски шуми“ извршувале услуги од областа на шумарството во 2010 година извршувала 213 МСП, наспроти 194 МСП во 2011 година.
Во 2010 и 2011 година од вкупно 880 договори потпишани со јавните претпријатија и установи кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост во нашата држава, дури 97,7% или вкупно 855 договори биле за услуги кон ЈП “Македонски шуми“.
Добрата страна на ваквиот вид на јавни огласи е намалување на проценетата вредност на овие делови од производниот процес. Благодарение на понудувањето на најниска цена за услуги, во 2010 година врдноста на договорите биле намалени од 1,038 милијарди денари на 848,1 милион денари, додека во 2011 година уште повеќе односно од 1,101 милијарди денари на само 775,6 милиони денари.
Овој податок укажува на тоа дека станува збор за бизнис со голем финансиски потецијал, што значи дека МСП кои нудат услуги од фазите сеча, дотур и превоз со утовар и растовар, од финансиска гледна точка имаат одлични можности за работа.
Најбројни договорите за дотур, додека највредни за превоз
Наголем трошок на Јавното претпријатие е превозот на дрвото. Тоа најдобро се согледува со вредноста на договорите во 2010 година доминирале договори по одделни фази. Во оваа година за превоз се одвојувало дури 36,5% од вкупните средства за овие услуги поврзани со процесот на производство. Во оваа година за оваа услуга биле наменети околу 310 милиони денари кои биле поделени на 177 договори. Трошоците за услугите за дотур на дрвото изнесувале 29,5%, додека за сеча 25,7% од вкупните средства за овие услуги поврзани со процесот на производство се вкупно во 2010 година вредноста на Договорите за услуги од фазите сеча, дотур и превоз со утовар и растовар на ЈП “Македонски шуми“ изнесувале преку 848 милиони денари или околу 13,8 милиони евра.
Следната 2011 година доаѓа на масовна појава на едно МСП да потпишува Договори за извршување на услуги од сите три фази. Тоа резултира со значително помал број на потпишани договори и со најголема вредност на договорите за извршување на сите три фази заедно, па така нивната вкупна вредност била 342,4 милиони денари што било дури 44,1% од вредноста на сите договри заедно, која во оваа година изнесувала 775,6 милиони денари или околу 12,6 милиони евра.
Слаба реализација на договореното од страна на надворешните извршители
Бидејќи преку 90% од производството на ЈП “Македонски шуми“ се одвива преку надворешни извршители, нивната лоша работа и неисполнување на обврските негативно се одразува врз упешноста на Јавното прептријатие. Па затоа вработените во Јавното претпријатие се оставени на мислот и немилост на овие надворешни извршители, чија лоша работа паѓа на грбот токму на грбот на вработените кои поради туѓи пропусти се казнуваат со намалување на бодот.
Според Анализа на годишните извештаи за работењето и трошоците на ЈП “Македонскишуми“ за фазите сеча, дотур, утовар и превоз во 2010 и 2011 година, може да се заклучи дека МСП имале исклучително слаба реализација на своите обврски. Така во 2010 година ЈП “Македонски шуми“ имало реализација од околу 69% од планираното. Во 2011 година продолжува негативниот тренд на реализација на планираното производство, со тоа што во оваа година било произведено уште помалку, односно само 60% од планираното.
Во двете години имало потфрлање во сите фази, од кои најголемо било во фазата превоз, во која во 2010 година се реализирало 67% од планираното, додека во 2011 година само 52% од планираното. Од тука се гледа важноста на оваа фаза за успешноста на Јавното претпријатие, бидејќи залудно колку и да се посече и дотури, ако истото не се превезе.
Можеби ова треба да е сигнал за Јавното да направи напори да набави одредена количина сопствени камиони за превоз на дрва, со што би се намалила зависноста од надворешните извршители во оваа доста важна фаза од производниот процес.
Потребни се решенија за амортизирање на негативните последици од неисполнувањето на договореното
Според бројот на МСП кои нудат услуги од областа на шумарството и според средствата кои се издвојуваат за нивните услуги, може да се заклучи дека нашата држава не заостанува многу зад европските и развиените шумарства од светот. Во нашата држава постојат добри услови за функционирање и работа на МСП што се отсликува во големиот број на претпријатија кои нудат услуги од областа на шумарството и во високите финансиски средства кои секоја година се двојат за нивните услуги.
Сепак слабата реализација на овие МСП има негативно влијание врз успешноста на ЈП “Македонски шуми“. Затоа треба добро да се анализираат причините за слабата реализација на МСП и да се обиде да се изнајдат решенија како да се амортизираат негативните последици од нивната слаба ефикасност.
Извор:
Магистерска работа “Анализа на малите и средни претпријатија кои за ЈП “Македонски шуми“ вршат услуги од областа на шумарството“,Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Шумарски факултет – Скопје, 2014
No comments: