ПРЕТЕПАН ШУМАР ВО МАКЕДОНСКИ БРОД: Двајца браќа вработени во „Македонски шуми“ во работно време фатени во кражба на дрва!


Имам впечаток дека никој не сака да се стави ред во шумарството, бидејќи вакво какво што е за многумина е “разработен дуќан“ од каде црпат средства за лично богатење. Криминалот во шумарството за жал изгледа е длабоко навлезен и во ЈП “Македонски шуми“, за што сведочи и најновиот случај на насилство во Македонски Брод.
Двајца браќа вработени во ЈП “Македонски шуми“ ПШС “Сандански“ од Македонски Брод го претепале реонскиот шумочувар Винко Костоски, откако истиот извршил контрола на сечата која ја правеле браќата.
Како што дознаваме браќата Д.В и Р.В, инаку едниот вработен како шумочувар, а другиот како референт по приватни шуми, на ден 22.11.2017 година во 14.30 часот вршеле бесправна сеча и пустошење на шума. За среќа сеуште има совесни и лица со морал во ЈП “Македонски шуми“, па така кога реонскиот шумочувар Винко Костоски им извршил контрола, тој констатирал дека вработените во ЈП “Македонски шуми“ вршат криминал и крадат дрва. Откриените крадци дрско му се нафрлиле и брутално го претепале со секира, клоци и тупаници, при што му нанеле тешки повреди.
Повредениот шумочувар успеал да го пријавил случајот во полиција, после што поради сериозноста на повредите бил префрлен и во болницата во Прилеп.
За тоа колку е очајна ситуацијата со криминалот во шумарството говори и фактот што двајцата браќа додека вршеле кражба на дрва биле пријавени дека се на работно место.
Дека институциите се немоќни или не сакаат да стават ред во оваа гранка и да се справат со криминалот, укажува и податокот според кој може да се заклучи дека ваков криминал е практика во ЈП “Македонски шуми“, бидејќи двајцата браќа кои делувале едниот како шумочувар, а другиот како референт и претходно биле казнувани и суспендирани поради истото дело.
Па после се намалувал шумскиот фонд - па нормално дека ќе се намалува и нема ни да имаме шуми ако самите си ги крадеме.

Кратењето на бодот како дотурање “масло на огнот“

Ова е доказ со какви опасности се соочуваат совесните и чесни вработени во ЈП “Македонски шуми“, кои сакаат поштено да си го заработат лебот и кои не сакаат да станат дел од криминалот. Сепак, јавното претпријатие треба да најде начин како да ги заштити и награди ваквите вработени, а да ги отстрани корумпираните и криминалците.


Со постојано кратење на бодот, по што шумочуварите земаат и до 12.000 денари, не може да се очекува успешна борба со корупцијата и криминалот. Слабите плати и нискиот животен стандард ги приморуваат вработените да паднат во искушение остатокот од платата да си го надокнадат “од други“ извори.
Ситуацијата за нив е дотолку полоша што тие секојденовно се соочуваат со опасности по своите животи и се под постојани притисоци за својата безбедност и по животите на своите најмили, така што работат во исклучително тешки и очајни услови. Се уште се свежи спомените на двајцата убиени шумариво кумановско и убиениот шумски полицаец во скопско, кои беа сочекани во заседа.
Дрвокрадците се добро организирани и вооружени, поради што дури и специјалната полиција тешко се справува со нив, а тек голораките и недоволно платени шумочувари. Една од најитните реформи во ЈП “Македонски шуми“ треба да биде токму зајакнување и подобрување на заштитата, како и борбата со дрвокрадците и шумската мафија, бидејќи во спротивно дрвокрадците “оро ќе играат“ по нашите планини.

No comments:

Powered by Blogger.