Во Германија сé помалку инсекти во воздухот




Ново истражување спроведено во 60-тина заштитени природни региони во Германија покажува драматични резултати: бројот на летечки инсекти е опаднат за дури 75% во последниве 30 години.
Причината? Непозната.
„Ова го потврдува тоа што сите инстинктивно го чувствувавме“, вели Каспар Халман од универзитетот Радбуд во Холандија, за BBC. Како таков инстинктивен индикатор го наведува примерот со ветробранското стакло – сигурно забележувате дека убивате сé помалку инсекти додека возите.
Ова е прва студија која во својот фокус ја испитува тоталната биомаса на инсекти, и за жал, „ја потврдува нашата загриженост“, објаснува Халман. Студијата се темели на мерење на биомасата на сите живи инсекти во 63 заштитени природни подрачја, во текот на 27 години – од 1989 до 2017-та. Во податоците се вклучени илјадници различни видови летечки инсекти, како лептири, пчели, молци и сл.
Најзагрижувачкото е што опаѓањето се случува токму во заштитените природни резервати, кои по правило би требало да ѝ овозможуваат заштита на природата, и во случајов – погодна средина за виреење на инсектите. Сепак, драстичниот пад во нивната популација е видлив и во другите средини, независно од состојбата на природата, човечкото присуство, обработката на земјата или климата – што фрла уште подебел вел на мистерија околу вистинската причина за феноменот.
На научниците во моментов не им преостанува ништо друго освен да ја истакнуваат важноста на усвојување на мерки за кои се знае со сигурност дека се корисни за инсектите, како цветни појаси околу фармите и минимизирање на штетните дејства на земјоделството.
„Не знаеме кои се точните причини. Оваа студија покажува колку е важно да се има добар мониторинг, а сега ни се потребни повеќе истражувања за да се најде причината – тоа сега има висок приоритет“, вели Ханс де Крон – научник од истиот универзитет.
Тоа што можеме речиси со сигурност да го тврдиме, како што објаснува Крон, е дека „модерниот земјоделски пејзаж за инсектите е еквивалент на непријателска средина, тоа е за нив пустина, ако не и полошо. А опаѓањето (на нивната популација) е добро документирано. Големо изненадување е што се случува и во соседните природни резервати“.
Губитокот на инсектите, кој во оваа студија се покажува како подрастичен отколку во претходните, има далекусежни последици за целиот екосостем, по милионити пат предупредуваат научниците. Инсектите се извор на храна за многу птици, водоземци, рептили и лилјаци, а од нив зависи и опрашувањето на растенијата. Крајниот негативен ефект не можеме ни да го претпоставиме.

No comments:

Powered by Blogger.