Кои се алтернативите за загадувањето од греењето со дрва?
Алтернатива за семејствата кои се греат на дрва е енергетската ефикасност, со што можат да заштедат од 10 до 30 проценти во семејниот буџет, велат експерти за енергетска ефикасност. Тие објаснуваат дека скапите алтернативи се можни и за сиромашните семејства со помош на буџетирање од државата.
Идеите за можните решенија доаѓаат во услови кога голем дел од домаќинствата во главниот град Скопје и другите населени места во Македонија во зимскиот период се греат на дрва, а според истражувањата на институциите, тоа е еден од најголемите извори на загадувачи во воздухот.
Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот на Град Скопје, 32 проценти од загадувањето со ПМ10 потекнува од домовите.
Ваквите бројки се потврдени и во други студии на институциите, а слично податоци добивме од анкетата на веб-страницата на Радио Слободна Европа, која не е заснована на научни истражувања, каде 32 отсто граѓани одговориле дека оваа зима ќе се греат на дрва.
Невена Смилевска, програмски координатор за клима во граѓанската организација „Еко-свест“, вели дека на домаќинствата кои користат дрва за греење, прво треба да им се обезбеди соодветен квалитет на дрвото, односно да ја има потребната сувост, а потоа да преминат на друг тип загревање.
„Идеално би било доколку им се обезбеди субвенција за вградување на топлински пумпи и сончеви системи во нивните домови. Тоа може да бидат комбинирани системи од фотоволтаик, топлинска пумпа и колектор за топла вода, додека оние кои имаат пристап до топловодната мрежа, најдобра алтернатива е на неа да се приклучат“, вели Смилевска.
Привремена опција може да биде инсталирање филтри на оџаците на домовите, вели Смилевска, додавајќи дека за интегрирање на овие мерки неопходен е фонд за енергетска ефикасност, каде граѓаните со кредити со ниска камата или со бескаматен кредит ќе можат да ги подобрат своите системи за греење.
На прашањето до Владата и до Министерството за животна средина и просторно планирање дали предвидуваат решавање на проблемот со оглед дека 60 илјади домаќинства во Скопје загадуваат греејќи се на дрва во зимскиот период, оттаму одговараат дека за тоа прашање се дефинирани мерки во плановите на локалните власти.
„Градот Скопје во текот на 2016 година додели субвенции за граѓаните кои не се поврзани на централниот систем на греење во износ од 5 милиони и 860 илјади денари, а во 2017 година во износ од 10 милиони денари. Општина Битола од буџетот за 2017 година издвои 6 милиони денари за субвенционирање на купувањето печки за греење на пелети од страна на граѓаните“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Град Скопје посочуваат дека од конкретните мерки имаат доделено 405 субвенции за надоместок на дел од трошоците за печки на пелети и 2600 субвенции за велосипеди.
Градот враќа 70 проценти од средствата за печка на пелети, односно не повеќе од 30 илјади денари. За велосипеди скопската локална власт субвенционира максимум 4.000 денари.
Смилевска вели дека тоа не е доволно со оглед на она што го покажуваат мерните станици за квалитетот на воздух и оти, иако пречките за пелети се значително поефикасни од конвенционалните печки на дрва, сепак и тие предизвикуваат емисии на јаглерод диоксид и на ПМ10 честички.
„Подобро би било, наместо печки на пелети, да се субвенционираат топлински пумпи, тие се значително поскапи, што значи дека субвенцијата ќе треба да биде значително поголема за да може да биде прифатлива за едно просечно домаќинство, но проблемот ќе го реши долгорочно“, вели Смилевска.
Буџетот на Град Скопје за 2017 година е со приход од седум милијарди денари, односно повеќе од 113 милиони евра.
Во Скопје во зимскиот период домаќинствата горат 366 илјади кубни метри дрво и 14 илјади тони нафта, според податоците на Град Скопје.
Извор: slobodnaevropa.mk
No comments: