Буката симбол на моќ и богатство
Буката, најраширениот вид на автохтоно растение на Балканот, во минатото заземала значајно место во митологијата на многу народи. Во Галија на Пиринеите, богот Пагус бил бог на буковите стебла. Во грчката митологија ова дрво било посветено на врховниот бог Зевс. Познато е верувањето дека при невреме со грмотевици треба да се заклониш под букова крошна во која никогаш не удира гром.
Старите Словени верувале дека куќата во чиј двор расте бука е заштитена од уроци. Кај некои словенски народи се сметала за свето дрво и затоа се благословувала. Се верувало дека во нејзините крошни живее демон и дека оној кој ќе исече буково стебло, ќе се разболи и ќе умре. Според верувањето, доколку се разболи, за да оздрави со истата секира треба да заколе кокошка.
Според келтскиот хороскоп, родените во знакот на буката (22. декември), се луѓе кои живеат живот без ограничувања. Родени се со префинет и истенчен вкус за убавина. Без обзир колку елегантно и убаво изгледаат, секогаш се грижат за својот изглед. По природа се материјалисти и секогаш знаат убаво да си го организираат животот. Кариерата им е секогаш во прв план, економични се и успешни доколку се на раководно работно место. Никогаш не влегуваат во непотребни судири или кавги. Го сакаат спортот и живеат во склад со природата. Доколку ваквите луѓе се во брак, а сонувале буково дрво, можат да очекуваат размирици и кавги.
Доколку не се во брак, проблемите се поврзани со нивните најблиски и во таа смисла треба да бидат пофлексибилни и не треба се да ставаат при срце. Ако на некого му е потребна помош треба да му се помогне. Доколку некој сонува букова шума ќе добие неочекувана добивка.
Буката е многу раширен вид на дрво. Расте во брдско-планински подрачја на средна, западна и југоисточна Европа. Главно се наоѓа на висина од 500 м.н.в., но ја има и на висина од 2000 м.н.в. (претпланински вид на бука). Достигнува висина од 40 до 50 метри. со дијаметар на стеблото до 2 мета. Има кора со светло пепеласта боја, со тенка и мазна површина до длабока старост. Има плиток и доста развиен корен. Листовите на буката се со елипсеста форма, долги до 8 см, а ивиците се брановидни и влакнести. Има еднополни цветови кои цветаат со главичести цветови, машките како кружни реси на долга дршка, а женските по два цвета во купола (во заедничка обвивка), обраснати со кошчести лушпи. Во куполата се наоѓаат плодови (буквички) и се јадливи. Со плодот се храни дивечот, глодарите и птиците, а во праисторијата и човекот.
Од пржена и белена боквица може да се прави леб и разни печива, а маслото добиено од неа можа да му конкурира на маслиновото масло. Зреат во септември почетокот на октомври, а отпаѓаат со првиот мраз. Во еден килограм плодови има 3600 до 6800 боквици. Со полн род буката раѓа секои седум до дванаесет години, а плодови има на старост од 40-50 години.
Буковото дрво уште во далечното минато било употребувано на најразлични начини во секојдневниот живот. Првите ракописи кои се пронајдени се напишани на буково дрво, оттаму доаѓа до називот за книга германски (buch), или англиски (book). Буката е симбол на Данска, а во Сибир се употребува за производство на јаглен и огрев. Се употребува за производство на шпер плочи, во градежната столарија (врати, прозорци, паркет), за огради, за изработка на мебел за домаќинство, за изработка на бочви, а кај нас од бука се прави традиционалниот музички инстумент тапанот.
Во просечна бука, стара 80 години со висина од 25 метри, има и до 12 тони сува дрвна маса, количина која енергетски одговара на количина од 6000 литри масло за греење. Во неа е врзано околу 6 тони јаглерод и 22 тони јаглерод диоксид. Буката произведува кислород доволен за десетина особи. Се користи за лечење. Главен извор на лековити својства од буката е катранот кој се добива со сува дестилација на буково дрво. Од вака добиениот катран можат да се напарават лекови кои се користат за лечење на разникожни и ревматски заболувања. Листот на буката е богат со витамин Ц.
По буката имаат добиено називи многу топоними во разни делови каде што вирее. Покрај во шумата, црвената бука се одгледува и како хортикултурно растение и е украс на многу улици и дрвореди.
Извор: Наши шуми, број 54-55
No comments: