Дали шумските пожари се добар бизнис за приватните складови ?


За жал во нашата држава последните години појавата на шуските пожари зема се поголем замав, така што секоја година се поголеми површини се зафатени со шумските пожари. Оваа појава зема алармантни размери, затоа е неопходно надлежните органи во нашата држава да превземат одредени мерки за спречувањето на шумските пожари и намалувањето на нивните негативни последици.
Во најголем случај предизвикувач на шумските пожари е човечкиот фактор. Праксата во нашата држава покажала дека тиа воглавном се палат од овчарите кои сакаат да ги прошират површините под пасишта и да добијат на пролет млада и сочна трева, потоа од несовесни и невнимателни сопственици на обработливо земјиште кои ги палат стрништата, потоа според најновите тврдења собирачите на одредени видови печурки за следна година да испровоцирааат поинтензивна нивна појава, но сепак мислам дека најчест предизвикувач на шумските пожари е т.н. “шумска мафија“ чии пединци шумата ја палат за да остварат финансиска корист со сечење на опожарените дрва.
Со тоа се предизвикава голема штета на државата, како и на имотите на луѓето, а често можат да бидат и со кобни последици за луѓето. Се уште се свежи лузните од шумскиот пожар кој во 2012 година се закануваше да ја зафати Струмица. При гаснењето на овој пожар животите ги изгибија 4 лица од кои 3 вработени на Македонски шуми кои учествуваа во гаснењето на пожарот, а 11 лица се здобија со полесни изгореници. 


Пожарот кај Струмица во 2012 година


Недостатокот на дрва основа за уништување на шумите

Високата цена на огревно дрво овозможи во нашата држава да се формира и да стане премногу моќна т.н. “шумска мафија“, за која пред неколку години беше посветена една епизода од емисијата “Код“ на Снежана Лупевска. Поради големиот пазар, нејзиното влијане особено е големо во скопско, каде според одредени извори на годишно ниво се трошат по околу 360 илјади m³. Големата побарувачка и малиот капацитет на ЈП “Македонски шуми“ кои последниве година случајно или не, мака мачат да обезбедат за услови на Скопје незначителни 20-ина илјади m³, се плодно тло за голема заработка на “шумската мафија“. Остатокот на потребните дрва за снабдување на граѓаните на нашиот главен град се обезбедуваат преку приватните складови или “на црно“ преку нелегални сечи.
Изненадува капацитетот на приватните складови, кои наводно преку приватните шуми и со дрва за огрев од увоз, заедно со количината на дрва од снабдувачите “на црно“, обезбедуваат преку 330 илјади m³, што за ЈП “Македонски шуми“ која стопанисува со околу 90% од шумите во Македонија е многу тешко остварливо.
Се наметнува прашањето од каде се снабдуваат со дрва приватните складови во Скопје, па и во другите поголеми градови во Македонија.
Еден од нивните извори за снабдување со огревно дрво се приватните шуми, потоа мал дел од увоз, но сепак најголем дел изгледа дека доаѓаат од државните шуми кои пологично би било да завршат во складовите на ЈП “Македонски шуми“ и да се продаваат по цена загарантирана од Владата од околу 2.400 денари, а не нивната цена да достигнува и до 4.000 денари во приватните складови.


Дали пожарите се смислена појава ???

Значителен дел од овие дрва за огрев се од опожарени површини. Е сега, за да се задоволи големата побарувачка потребно е да има голем број на пожари, кои доколку се исклучи факторот човек во природни услови, многу ретко се случуваат.
Затоа, постојат основани сомнежи дека одредени правни лица ќе си одберат дел од шумата кој им одговара за да се снабдат со дрва за препродажба или за своите складови за огревно дрво, па ненадејно во тој дел ќе избие пожар со што ќе се создадат услови за да се исече опожарената дрвна маса од овој дел од шумата.


Опожарена шумска површина која требало да биде посечена, но очигледно немало потреба од таква мерка  

Одкако ќе се случи шумски пожар, на ред е на терен да излезе шумарскиот инспектор и со Записник да даде задолжение да се изработи Анекс на Посебниот план за стопанисување со шуми за опожарената површина. Со тоа се задолжува стопанисувачот, односно ЈП “Македонски шуми“ да си изработи сам на себе Анекс и да предвиди да се посече целата опожарена површина, што не е спорно и се си е согласно Законот за шуми.
Кога ќе се изработи Анексот, доаѓа на ред “умешноста на убедување“ на правното лице кое најчесто е сопственик на склад за огревно дрво, одговорните лица во ЈП “Македонски шуми“ опожарената површина наместо да ја дадат на тендер и да заврши во складовите на ЈП “Македонски шуми“ од каде што граѓаните ќе се снабдат со огревно дрво по пониска цена, да му ја дадат преку наводна јавна постапка токму на него и да заврши во неговиот приватен склад.
Откако ќе ги “убеди“ одговорните лица да му ја дадат дрвната маса (во наводниов случај) на сопственикот на приватниот склад, се склучува со него најчесто Договор за продажба на огревно дрво на пенушка или на шумско-камионски пат.
И тоа не е се. За да се заработи повеќе, се бара од ЈП “Македонски шуми“ на терен да излезе Комисија за декласирање на дрвната маса и да ја намали вредноста на дрвата што е можно повеќе, за да може да си ја откупи за некоја багателна цена, со што и се нанесува директна финансиска штета и на ЈП “Македонски шуми“.
Ако се вратиме на почетокот каде напоменав дека постојат основани сомнежи дека одредени правни лица ќе си одберат дел од шума кој им одговара за да се снабдат со дрва за препродажба или за своите складови за огревно дрво, тогаш се поставува прашање: што декласира таа Комисија за декласирање ??? Слободно прошетајте до најблискиот склад на ЈП “Македонски шуми“ и ќе се уверите дека таму се продава тенко огревно дрво кое е полошо од она кое се декласира. Всушност опожареното дрво е одлично за огрев, бедејќи неговата внатрешност е заштитена од кората.
Дури кај дабот во најголем број на случаи и нема потреба од сеча, бедејќи дебелата кора е одличен изолатор од пожари, а неговата лисна маса веќе истата година или наредната пролет повторно се обновува. Во прилог на отпорноста на дрвјата од шусмки пожар говири и фактот што во Сеодинетите Американски Држави шумарите намерно предизвикуваат т.н. “контролирани пожари“, за да го отстранат приземниот горлив материјал во шумите.


Предизвикување т.н. “контролиран пожар“ во САД

Најзагрижувашка појава би требало да преставува доколку некој од раководни лица или шефови на шумско-стопански единици, да инсистираат опожарената дрвна маса да се продава токму на овој начин, а не да заврши во складовите на ЈП “Македонски шуми“ и со неа да се снабдат граѓаните со дрва за огрев ?!? Дали евентуалната таквата појава е индикатор за некаква поврзаност со приватниците на складовите ???


Надлежните органи да превземат мерки

Со ова се нанесува голема штета не само на граѓаните кои масовно се осиромашуваат, туку и на шумарството и на ЈП “Македонски шуми“ кое тоне во долгови и мака мачи да ги обезбеди платите за вработените и давачките кон државата. Поради ваквата појава постои опасност во блиска иднина Македонија да остане без голем дел од своите шуми. 


Се надевам дека надлежните органи ќе го имаат ова во предвид, и ќе направат напори да ги сопрат евентуалните вакви манипулации. Можеби како една од мерките би била Владата на Република Македонија со Закон да забрани опожарената дрвна маса да се дава на правни лица, туку исклучиво таа да биде наменета за складовите на ЈП “Македонски шуми“ од каде граѓаните ќе се снабдуваат со огревно дрво по гарнатираната цена од самата Влада или по пониска доколку дрвната маса треба да се декласира.

No comments:

Powered by Blogger.