Дали во минатото имало повеќе дрвја одколку во денешно време ?
Подолго време сакав да напишам нешто на оваа тема. Бидејќи зимата дојде (речиси) и, како и секоја година со неа и аерозагадувањето, решив тој текст да биде сега. Една друга важна причина е тоа што ме мачи недостатокот на морал, визија и идеали во поглед на заедничкото живеење. Мислам дека осврт на историјата на човечкото живеење во населби, и како тоа се одразило на екологијата може да биде корисно за сите нас (а ќе се освежам и самиот).
Некои меѓу вас, драги читатели, што ја сакате екологијата, можеби мислите дека зеленилото се уништува само во поново време. Сум запознал такви што мислат дека се уништува само во последниве 10 години а и доста други кои мислат дека сè е во ред со дрвјата. Како живееле луѓето порано? И, како изгледало зеленилото тогаш, посебно дрвјата?
Пред да помислите дека е тешко да се добие одговор на тоа прашање, помислете на следново. Меѓу нас сè уште има луѓе кои живееле во неколку различни времиња: родени во „Стара Југославија“ (или „Краљевина“), поминале младост во „Титова Југославија“ и ја виделе/гледаат транзицијата во демократија. Честопати памтат и приказни од нивни дедовци и баби од турско. Тие се еден добар извор на информации. Друг извор на информации за оваа тема се многубројните фотографии. За уште подалечното минато постојат историски записи, кои вклучуваат и скици и цртежи. А, можеш и самиот да ги набљудуваш градбите од разните времиња и зеленилото околу нив во твојот град додека се шеташ, да појдеш во локалниот градски музеј и да споредиш. Што откриваат сите тие, посебно за населбите, дрвјата и за загадувањето?
За жал, старите градови (како Старо Скопје на сликата горе) не биле позелени од денес. Честопати било обратно. Во голема мера тоа е затоа што градовите се градени по ориентален модел, воведен од Отоманите: густо збиени куќи, тесни улици, пазари и многу малку зеленило. На Исток, од каде што дошле тие, донекаде функционира тоа (нема такви студови зиме, а лете куќите си прават сенка едни со други по пола ден). Но тука, кај што има големи планини кои држат сенка и студ, влажни долини со многу магла и кај што се грееме на цврсти горива, тоа е погубно. Тетово е најизразен пример, но Велес, Битола и Скопје не се многу поразлични. Тетово и Велес се речиси целосно градени по турски, а во Скопје само поновите населби се поинакви. Мала позитивна нота е тоа што некои од најголемите дрвја денес се посадени баш тогаш (честопати во и околу верските објекти), како и некои јавни паркови (како Градскиот парк во Скопје).
Отомански модел на град
Чинар во Иса-беговата џамија во Скопје
Градскиот парк, последното уточиште на големи дрвја во Скопје, е основан во турско
Но, ни Западот во тоа време немал подобра формула за заедничко живеење. Индустриската револуција со употребата на цврсти горива, сечењето дрвја и животот во големи и нечисти градови биле погубни за луѓето.
Питсбург, САД
Загадувањето во западните градови
Населувањето на северноамериканското тло било огромно пустошење. Не само за дрвјата, тоа било пустошење и за домородното население таму, а и за нивниот стил на живот, кој бил многу повеќе во хармонија со природата. Доселениците веднаш го исфорсирале нивниот „просветлувачки“, римски стил на живеење: на едно место, во големи долини и густи населби, и ги „убедиле“ и индијанците да го прифатат, милом и силом. Дури и ги „обесштетиле“ – повеќето од имињата на сојузните држави се индијански и по некој резерват за диви животни и „диви“ луѓе. Иако Северна Америка и денес воодушевува со своите национални паркови и џиновски дрвја, тоа е само сенка од некогашниот рај. Освен тоа, таа светлина е многу замаглена со фактот што сè уште искористуваат други земји за да го финансираат тој луксуз.
Населувањето на Северна Америка
Европа не е подобра. Во времето пред Отоманите, за време на Рим и Византија, дрвата биле користени за разни градежни и пловни објекти и за војни, а се „бричеле“ и цели долини и ридови за да не бидат места за заседа и резерви со дрво за потенцијални напаѓачи.
Римски град
Кога почнале да доаѓаат разни племиња наваму, германски, словенски и кои други и да дошле, затекле два контраста - „дивина“ и градови. Изгледа прво ја населиле дивината и ја „добричиле“, а од градовите биле веднаш привлечени. Градовите не постоеле случајно тогаш, а не се ни денес. Да не заборавиме, општественото уредување сеуште е по тој модел. Римјаните намерно граделе убави градови со бањи, театри и разни удобности на периферијата на своето царство каде поттикнувале на трговија со дојденците. Трикот бил да се убедат дојденците дека римскиот живот и уредување е идеален и, без борба, да ги направат сојузници па и робови. Така придобиените племиња станувале вазали, и биле користени во борба со другите племиња кои дошле истовремено или доаѓале потоа. Иако на крај Рим и Византија сепак паднале под „дошљаците“, ако мене ме прашате, нивната стратегија успеала. Римската религија, писмо и уредување на овие простори се уште се јасно видливи. Дојдените народи се уште се мразат и се убиваат, иако некои од нив имаат ист јазик! Како и да е, животот во набиени, загадени градови (заштитени со ѕидини понекогаш, што уште повеќе ги гуши), уништувањето на природата а посебно дрвјата, се со дооолга историја.
Од уште постари книги (Светото Писмо, на пример) и ископини сфаќаме дека желбата за собирање на луѓето во градови не е без задна намера и без последици. Цивилизациите од Истокот се концентрирале на едно место, главно во големи рамници и покрај големи реки, граделе градови и сечеле систематски сè наоколу (од исти причини како и Римјаните). Не знам за аерозагадувањето тогаш, но фактот дека повеќето такви градови денес се покриени под нанос и дека сè околу нив е негостољубива пустина покажува колку многу промашиле со својот стил на живот и уредување.
Древната Нинива на брегот на реката Тигар, основана од диктаторот Нимрод
Пак да се вратиме кај нас и нешто поблиску во времето. Иако некои мислат дека во социјализмот било „порозово“, сигурно не било и позелено. Можеби некои уште памтат како некои фабрики правеа да биде поцрвено и поцрно (други велат дека социјализмот бил многу сив). Во тоа време се направени неколку сериозни грешки во поглед на екологијата. Се запустеле селата, а градовите неконтролирано се прошириле. Така е изгубен најголемиот дел од преостанатата слободна земја во долините (под ниви, шуми и пасишта). Некои постари убаво се сеќаваат до каде било Скопје пред Втората Светска Војна; како им се одземани пошто-зашто имањата на старите скопјани во Тафталиџе, Нерези, Карпош; како неконтролирано се проширил градот по земјотресот накај полето; како никнале цели села околу градот заради фабриките... итн. Со само еден медиум под контрола на власта, загадувањето, губењето на зеленилото и лошите услови за живеење не биле доволно обработена тема. Светла точка од тоа време се акциите за пошумување (некои насади низ Македонија се шумички денес, иако не толку весели), а за Скопјани најважно е раселувањето на населбите од Водно и неговото уредување со прегради за задржување на поројните води и нанос и неговото пошумување. Водно не било веќе закана за градот како пред тоа.
Водно некогаш било голо и опасност за градот од големи води и наноси
Денес, за жал, со носталгија се гледа и на тоа време. Гледаме уште еден бран запустување, овојпат на помалите градови. Многу луѓе од помалите градови секој ден патуваат на работа до главниот град, а многу се под кирија или трајно отселени во Скопје. Зеленилото е на уште пониско ниво (последно прочитав 7 м2 /човек, што е под европскиот минимум). Особено ретки се големите дрвја, а слободен простор има сè помалку и премалку. Градот пак се шири накај Водно.
Сите овие дрвја во околина на Камениот мост исчезнаа
Што да кажеме после овој историски преглед? Изгледа дека долините и густото живеење не се баш богатство. Напротив. Долините честопати држат магла, во сенка се и без провев. Помешано со чад, тоа е погубно. Добри се за земјоделие, но изгледа не се толку за густи населби.
Некои се надеваат дека гасификација би донела намалување на користењето цврсти горива а со тоа и на сечата за огрев и загадувањето. Можеби. Ќе видиме. Но, други се сомневаат во тоа. Сеуште не знаеме доволно кои се последиците од тоа гориво. Некои земји и компании не се откажуваат лесно од профитот со цврсти горива. Некои други земји можеби ќе станат нови империи поради заработката од гасот. Сето тоа води до нова политичка нестабилност и простор за судири. Има такви што пробуваат со извори на обновлива енергија. За жал, и тука има големи препреки: скапа технологија и разни бирократски сопки. Изгледа владите секогаш се понасочени како нешто ќе држат под контрола и како ќе го наплатат отколку за доброто на луѓето.
Нема сомнеж дека човештвото многу бавно прави промени, посебно на добро. Доаѓа ден кога ќе биде и предоцна за промени. До тој ден, полека се разболуваме и умираме како човечки род. Што е тоа што фали? Треба да учиме од грешките. Време е да си го преиспитаме моралните и духовните вредности кои нè обликувале.
Некогаш Вардар слободно се извивал како змија низ Скопската котлина (меандрирал). Некои постари уште го памтат без регулација. Имал многу канали, и многу големи дрвја по бреговите. Подземните води биле подостапни за вегетацијата. Да, поплавувал, но поплава врз земјоделско земјиште не е трајна загуба и не е само зијан. Тоа било рајско време, пред да започне сè она од денес. Долините биле полни со секакви дрвја и вода. Дрвја и вода до ден-денес се асоцијација за рај. Планетата сигурно имала многу убав почеток (не сум бил таму, но логично ми е). Земјата и денес има неверојатна способност да се обновува. Таа и ќе се обнови кога еден ден ќе ги снема оние што ја уништуваат. Уверен сум дека таква планета е единственото место каде што припаѓаме и кај што навистина ќе бидеме среќни. Тоа е мојот сон.
Шумата се враќа во напуштениот град Припјат, во близина на Чернобил. Ваквите слики (се разбира, без објектите) ми е личен доказ како некогаш изгледала природата.
Копачки Рит, Хрватска, е пример за многу поскладно живеење со природата
No comments: