Николовски: Следната година повеќе пари за заштита на шумите


Над 10 милијарди денари или околу 165 милиони евра изнесува буџетот за земјоделство за следната година. Најголем дел од овие средства односно над 136 милиони евра се наменети за директна поддршка на земјоделците односно за државни субвенции, додека шумарството и ловството и понатаму остануваат на маргините.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, најави дека идната година за заштита и репродукција на шумите ќе се одвојат 340 илјади евра што е четири пати повеќе во споредба со 2017 година и е за поздравување, но сеуште е малку.
„Со планираната директна финансиска поддршка од 6,6 милијарди денари ќе го унапредиме и зголемиме земјоделското производство и ќе овозможиме навремена и неселективна исплата на субвенциите тогаш кога на земјоделците им се најпотребни. Преку програмата за рурален развој ќе инвестираме над 1,8 милијарди денари во создавање производи со висока додадена вредност, модернизирање на агро секторот и развој на руралните средини“, изјави Николовски.
Објективно не сум го погледнал буџетот и незнам колку точно средства се предвидени за шумарството, но се провлекува еден впечаток дека сепак за жал на шумарството, сеуште се третира како незначајна гранка,. За ефикасна заштита на шумите, како од пожари, така и од шумски кражби, потребни се многу средства, па така на пример со предвидените средства не би можело да се набави ни едено посолидно противпожарно возило.

Специјални возила за гаснење шумски пожари донација од Турција кои требаше да послужат како пример какви возила ни се потребни 

Колку за споредба, во Хрватска за заштита на шумите државата секоја година обезбедува големи финансиски средства, бидејќи тие се од општ интерес. Дури и “Хрватске шуме“ кое е исклучително финансиски силно претпријатие без финансиска помош од државата не е во можност ефикасно да спроведе заштита на шумите и да се справи со шумските пожари. Додуша тоа таму е решено на друг начин со т.н. еколошки данок, но тоа е нивна политика и нивен избор како финансиски ќе се потпомогне шумарството.
Кога станува збор за субвенционирање во шумарството како индустриска гранка, покрај тоа постојат можности да се субвенционираат подигање на плантажи од брзорастежни дрвни видови, осовременување на процесот на производство и воведување на нови технологии, отварање на погони за обработка на други шумски производи и сл.
Исто така потребни се средства за борба со ерозијата и пороите, кои како што видовме неодамна може да бидат кобни за инфраструктурата и за човечките животи. Борбата со пороите не се состои само во пошумување, туку и во изградба на разни технички објекти.
Идеи многу, но средства малку. Но можеби вината е и до нас како шумарска фела, бидејќи досега не сме успеале сериозно да се наметнеме и да се избориме за повеќе средства од буџетот. Да се надеваме дека со следниот буџет за шумарството ќе се одвојат повеќе финансиски средства, бидејќи тие навистина му се потребни за развој. 
  

No comments:

Powered by Blogger.