Ќе има ли инспекции врата до врата за загадувачите - Што се „гори“ по домовите?


Пред стартот на зимата со малиот пад на температурите Скопје повторно се претвори во неподнослив град за живеење со екстремно загадување на воздухот кое покрај многу климатски и инфраструктурни девијации се должи и на загревањето на домовите и објектите.
Сосема евидентно е дека тие што грејат на печки на дрва горат и несоодветен материјал како елементи од дрво што се лакирани или префарбани, горат остатоци од мебел, па дури и гуми, пластики, синтетички материјали и многу други предмети кои создаваат најпрво одвратен мирис низ скопските населби, испуштаат штетни честички во воздухот и ја загадуваат околината. Не секогаш економската состојба е главна причина за греење со тоа што ќе им дојде на луѓето при рака, туку е и ниското ниво на свесност за штетните последици. Затоа потребни се многу поконкрентни чекори од новата локална и државна власт да се борат со загадувачите. 

До град Скопје на оваа тема ги испративме следните прашања:

Фактор: Дали инспекторатот за животна средина при Град Скопје ќе изврши инспекции на терен за утврдување каков материјал се користи за загревање на домаќинствата и правните субјекти?
Град Скопје: Инспекторите за заштита на животната средина на Град Скопје, како и сите останати инспекциски служби се активно ангажирани во надзорот на сите потенцијални загадувачи на животната средина, а тоа е посебно засилено во овој период кога се соочуваме со големо загадување на воздухот. 

Фактор: Какви се надлежностите на инспекторатот?
Град Скопје:Предмет на засилениот надзор според законот се само индустриските инсталации, затоа што домаќинствата не се пропишани како предмет за инспекциски надзор, и не се предвидени санкции за прекршителите од ваков вид. 

Фактор: Какви се потенцијалните казни за загадување на животната средина преку горење на несоодветни материјали кои испуштаат штетни честички и го загадуваат воздухот?
Град Скопје: Инспекторите може само да ги предупредуваат домаќинствата, но неможе да преземаат и казнени мерки и активности. 

Фактор: Дали ќе се зголеми капацитетот на инспекторатот и како ќе се одвива соработката и координацијата со останатите инспекциски служби на локално и централно ниво на територија на град Скопје?
Град Скопје: За сите останати сегменти ќе се зајакне и прошири координацијата меѓу државниот, градскиот и општинските инспекторати од скопскиот планскји регион, како што беше договорено на координартивниот состанок.   
За посериозни чекори во регулирање на оџаците и печките на домаќинствата, нивното редовно чистење и одржување, проверката на биомасата која се гори, како и на останатите постапки за загревање очигледно е дека се потребни и законски и подзаконски измени за инспекторатите на локално ниво да добијат поголеми ингеренции и да ја спречаат оваа негативна појава која не гуши сите и не претвори во една од најзагадените држави во Европа.
Секако, решение на долг рок ќе биде гасификација на Скопје и останатите градови низ Македонија со цел загревањето на домовите и објектите да се врши на почист и поконтролиран начин, а секако и доста економски исплатлив.

Автор: Христијан Станоевиќ

Извор: /faktor.mk/


No comments:

Powered by Blogger.