Ги соголивме планините и сега климатските промени ни се виновни!


За дивата сеча, соголените површини, шумската мафија, за дрвокрадците... со години веќе предупредуваат екологистите, планинарите, туристите и шумарите. Овие предупредувања особено беа изразени за Шар Планина. Тетовските планинарски клубови досега повеќе пати алармирале за големи диви сечи на дрва на Шар Планина. Немаше кој да ги слушне. Завчера сите го слушнавме одговорот на природата.
По поплавите по шарпланинските села, сите во еден глас наеднаш се согласија – шутот по реките и соголените шуми на Шара ја предизвикаа оваа катастрофа. Прашањето е зошто никој не ги слушаше апелите на планинарите?
Интересно е тоа што планинарите, а не шумските инспектори најчесто пријавуваа дека наидуваат на соголени површини на Шар Планина. Членови на планинарскиот клуб Јелак со години јавуваа за диви сечи на Шара.


Соголените површини ја нарушија заштитата на природните системи на водотеците. Прашање на ден беше кога ваква природна катастрофа ќе се случи на Шапка. Едноставно анархијата со масовните бесправни сечи и нарушениот режим на природните сливови ги претворија водите во стихија, предизвикана директно од човечката рака.


До 2010 година годишната процена за дивата сеча беше околу 10 илјади кубици. Од 2011 до денеска, според Државниот завод за статистика секоја година на диво се сечат околу 25.000 кубика дрва. МВР годинава ја реализираше акцијата „Гора“ во која беа фатени голем број дрвокрадци, а проценетата штета е околу 14 милиони евра... Биле поднесени стотина кривични пријави, но ниту една од нив не е против одговорните во ЈП Македонски шуми, државна фирма што стопанисува со 90 отсто од шумскиот фонд на Македонија.
Од шумската мафија не се спаси Шар Планина. И летово таа беше нападната од диви сечачи, кои беспоштедно ги уништуваа најубавите и најквалитетни дрвја. Намалениот шумски фонд на Шара го отвори просторот за неприродниот тек на надојдените води. Загубените животи од Шипковица и Речица се црвен и трагичен аларм.


„Република Македонија има потпишано и ратификувано многу меѓународни договори и конвенции за заштита на шумите и животната средина што влијаат врз шумарскиот сектор. Ориентацијата на земјата кон Европската Унија бара хармонизација на шумарската политика со обврските кон неа.
Реалните услови во моментов ја налагаат потребата за создавање ефикасен систем за повеќефункционално стопанисување со шумите и развој на модерна дрвна индустрија со високи стандарди“.
Ова го пишува на интернет-страницата на ЈП „Македонски шуми“. Време е за акција на полицијата против шумарите, инспекторите, функционерите и дивите сечачи.

Извор: /www.mkd.mk/


No comments:

Powered by Blogger.