ИНТЕРВЈУ ТРЕНДАФИЛОВ: Не е само Скопска Црна Гора, и Водно е ерозивна експлозија!


Една недела по невремето што го зафати скопскиот регион, сликата во погодените подрачја сеуште е страотна. На улиците сеуште има тонови кал и ѓубре. Граѓаните се загрижени дека сега, кога дождот престана, калта во еден момент ќе доведе до болести и епидемии.Дополнително голем број од  граѓаните тврдат дека никој не им помага со расчистувањето на поплавите и нивните домови. Поројните дождови направија огромни материјални штети а над 20 лица загинаа. Најпогодени беа Стајковци, Ченто, Арачиново, Смилковци, Црешево, Инџиково. Дали само природата е виновна за катастрофата, дали институциите потфрлија, има ли Македонија институционален капацитет за превенција и справување со врменески непогоди. Во добро организирани држави, таквите појави се сведени на минимум, вели во интервју за Фактор професор д-р Александар Трендафилов од Шумарскиот факултет при УКИМ. 

Фактор: Можно ли е  во 21-ви век од еден пороен дожд да загинат над 20 луѓе?  
Трендафилов: Можно е, но најчесто кога станува збор за свлечишта и одрони и екстремни појави и процеси на врнежи, отекување, ерозија и поројни поплави. Но, во добро организирани општества/држави, таквите појави се сведени на минимум, од причина што природата во нагласеното човечко влијание на сите активности на копното и атмосферата силно влијае на климатските промени и очекуваните негативни ефекти (невреме, цунами, озонски дупки..). 

Фактор: Каде ги лоцирате причините за катастрофалните последици? 
Трендафилов: Сите овие појави ќе добиваат се понагласено значење, зачестеност на појавите и зголемено време на активност односно врнежи проследени со силно неврме, силен ветер, грмотевици и слично. Некогашните најинтензивни врнежи/екстреми, сега траат многу подолго и мног покатастрофално отколку пред 20-50-100 години. 

Фактор: Зошто реонот околу скопската северна обиколница беше најмногу на удар? 
Трендафилов: Тоа било избор на природата, или Господ, удира каде што е најтенко со силна  природна и божја сила, за да не освести, и тоа во мултинационално подрачје, како и Тетово во 2015 година и овде ова подрачје 2016 година. Опомени ни стигнуваат, не од подземјето, туку од озгора. Ние молчиме, не слушаме, се правиме наивни, неодговорни...

НИШТО НЕ ФУНКЦИОНИРА 

Фактор: Дали природата е единствениот виновник за катастрофата, односно колку и дотраената водоводна и канализациона инфраструктура дополнително влијаеше последиците да бидат поголеми?
Трендафилов: Ништо не функционира, а во предметното подрачје и ја нема. Само мал дел од градот Скопје има фекална и атмосферска канализација, како е димензионирана не знам, кај нас се е можно и се е во интерес и функција на моќниците, но и не на состојбите и одржливиот развој. 

Фактор: Дали надлежните институции реагираа навреме, односно дали потфрлија? 
Трендафилов: Сите медиуми информираа за невремето. Како понатаму реагираа надлежните институции сите видовме. Овде постои, како прво, морална и политичка/функционална одговорност (збор што не постои во македонскиот политички речник) индивидуална, институционална и на крај национална-државна-општествена одговорност.

РЕОНОТ НАД КИСЕЛА ВОДА Е ВО ОПАСНОСТ 

Фактор:  Во моментов состојбата е најкатасрофална во скопскиот регион, но што е со останатите региони во земјава, постои ли опасност за штети од толку големи размери ? 
Трендафилов: Идентична или иста, не дај Боже да заврне. Водно, во целост, а особено над Општина Кисела Вода е ерозивна експлозија. Во сите градови и села коритата на водотеците се трансформирани во депонии и инфраструктура од нелегални објекти (свињарници, кокошарници, гаражи, летниковци и што уште не), и насекаде ширум Републиката. 

Фактор: Дали имаме институционален капацитет за справување со елементрани непогоди од вакви размери? 
Трендафилов: Не, не, не. Имаме голема администрација без соодветни капацитети. Одговорно тврдам дека 1990-2000 година Македонија со многу помал број на вработени имаше посилни, поодговорни и што е уште позначајно поодговорни државни функционери, службеници, соработниции. За пример Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во перидот 1996-98 година имаше помалку од 500 вработени (на ниво на РМ), денес 3-4 пати повеќе. 

Фактор: Со оглед на наврнатото количество од дожд можеме ли да кажеме дека станува збор за елементарна непогодна од големи размери или неподготвеност и не водење сметка за животната средина, со оглед на тоа дека посебно ова подрачје и во некои документи од градот Скопје уште пред осум години е посочено за ризично? 
Трендафилов: Дека станува збор за елементарна непогода нема збор, ако требало и морало да се случи на оваа локација. Штетите и последиците ги видовме. Превентива нема никаква: обесшумен слив, обиколница бариера-брана односно непрофесионално и неодговорно однесување на сите актери во проектот ОБИКОЛНИЦА. 

ПОТРЕБНИ СЕ КОРПУС НА МЕРКИ 

Фактор:  Што треба да се преземе какви превентивни мерки за да да справиме со елементарните непогоди?
Трендафилов: Потребни се корпус на мерки и решенија, законски, институционални, капацитети, финансирање на ниво на држава. 

Фактор: Какви мерки преземаат европските земји за превенција и справување со елементрани непогоди? 
Трендафилов: Во Европа, државно, одговорно и професионално. Има институции на државно ниво со искуство повеќе од 100 години: Австрија, Германија, Франција, Чешка, Словачка, Италија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Бугарија и други. 

ДЕН НА ДРВОТО Е САМО ПОПУЛИЗАМ 

Фактор: Што е со пошумувањето, колку соголените падини на Скопска Црна гора  имаа влијание за штетите да бидат уште поголеми? 
Трендафилов: 
Епицентарот на невремето-несреќата е во едно од најобесшумените подрачја во Скопскиот регион и пошироко. Проблемот не е од денес-вчера, тоа е децениски проблем. Дали можевме и можеме, ќе кажам ДА и во најекстремни еколошки-природни услови може и треба да дејствуваме, но не кампњски, популистички, туку, државнички, институционално и граѓански. Во повеќе наврати сум нагласил, многу поодговорно и државнички е да во текот на една календарска или хидролошка година се фокусираме со сите сили и капацитети на еден или подрачје или регион, и тој да го пошумиме и понатаму да задолжиме институција за следење, нега, одржување и чување. Во таков случај може и треба да очекуваме ефекти од пошумувањето и други противерозивни активности. 

Фактор:  Но проблемот со сечењето дрвја не е само кај Скопска Црна Гора туку и во центарот на Скопје и на Водно. Колку е алармантна состојбата?   
Трендафилов: Состојбите се алармантни. Но, и до крајна точка исполитизирани. Шумите ги губиме за момент, час, два, три. Но, неможеме да ги повратиме за 60, 80, 100, 150 години и повеќе зависно од составот, физилогијата на шумската заедница и условите и факторите на месторастење и развој. Бесправните дејствија и во државните и приватните шуми се повеќе добиваат на интензитет и се деградирани и уништени шумски екосистеми. 

Фактор: Секоја година имаме ден на дрво, се пошумуваат региони, се работи за популизам или акција која ќе даде ефекти? 
Трендафилов: Само стратешки план изработен, донесен и уште позначајно спроведен–реализиран од компетентни институции и лица може да ги донесе очекуваните ефекти. Кампањата има повеќе популистички отколку реални, очекувани и ефекти на лице место. За илустрација сите каде што сте пошумувале излезете на терен и видете ги и констатирајтите ги ефектите од Вашата-наша акција „Засадија ја својата иднина“. 

Извор: /faktor.mk/



No comments:

Powered by Blogger.