Заборавените Шумски Полезаштитни Појаси


Темата за која сакам да се обратам до нашата стручна и oстаната јавност ме засега и преокупира емотивно и професионално. Емотивно затоа што полезаштитните појаси во Р.Македонија се подигаа кога јас бев студент на Шумарскиот факултет и за врема на феријалната пракса во Битолско учествував во нивното подигање низ Пелагонија, а ги памтам тешкотиите и отпорите на кои се наидуваше тогаш. Во тоа време директор на Институтот за шумарство беше Русинот Божидар Ничота, што кажува дека појасите се руско искуство, а на Шумарскиот факултет доминираа авторитетите на Ханс Ем, Бранко Кралиќ, Раде Акимовски, Радивој Јоветиќ и др.
Професионално, како бивш професор од предметот Уредување на порои, кој како дисциплина ги обединува сите мелиоративни мерки агротехнички, шумскотехнички и хидротехнички, кои треба да обезбедат посигурно стопанисување во нашите услови кои се одликуваат со присуство на степа и степска клима на 40 проценти од нашата територија и многу присутната ерозија, чувствувам обврска да потсетам на нивната извонредно корисна улога.
И уште еден мотив ме упатува на истата тема, а тоа е моето учество на Трибина за одбрана на полезаштитните појаси, која пред десетина години ја организираа младите екологисти, на која агрономите упорно бараа појасите да бидат ископачени и уништени.
Меѓутоа главниот повод, за моето обраќање до јавноста, се повеќекратните предупредувања од светската и нашата наука за надоаѓањето на тропски климатски период, чие влијание ќе се почувствува веќе од 2020 година, а кулминација ќе достигне меѓу 2040 до 2050 година на овој век. Предупредувањата се многу алармантни, а периодот за почеток и не е толку далечен за да си допуштиме да го игнорираме. Поентата на овој напис е да се потсетиме на многустраните корисни функции на појасите и во наведените и други случаи, како и на нивната сегашна состојба.
Полезаштитните појаси се подигнати во Овчеполието, Пелагонија и Тиквешко. Во тоа време, во склоп на водните заедници, во наведените градови, имаше Секции за уредување на порои и тие, на база на изработените проекти, ги изведуваа сите агро, шумско и хидротехнички мерки, кои и денес постојат.
Како што е познато, полезаштитните појаси се подигаат на земјоделски површини кои поголем дел од годината се без вегетација, изорани и изложени на суви, топли, но и ледени ветрови. Затоа и го добиле и другото име, ветрозаштитни појаси.

Видови полезаштитни појаси

Има три вида полезаштитни појаси: непродувни, полупродувни и продувни. Без да навлегувам во подробности, во оваа пригода само ќе потсетам за нивните вонредно корисни функции:
1. Со својата положба, во однос на ветровите и со својата конструкција, појасите придонесуваат за рамномерно навлажнување на полето при врнежите, без вртложења и натрупувања зад возвишенија и длабнатини.
2. Појасите го успоруваат ветрот и со тоа:
- го намалуваат, значително испарувањето на влагата од почвата во топлиот период од годината
- го забавуваат студениот ветер, а со тоа го спречуваат или намалуваат замрзнувањето на почвите кои во таква состојба не можат да впиваат никаква вода, значи значително се зголемува инфилтрацијата на влагата. Со успорувањето на студениот ветер се намалува или спречува измрзнувањето на одгледуваните култури меѓу појасите
- со забавувањето на сувиот и топол ветер се намалува и транспирацијата од лисјата на одгледуваните култури, кои на тој начин егзистираат со помалку почвена влага
- со забавувањето на ветерот појасите ги ловат семињата на плевата, што ги носи ветерот, и тие како светлољубиви видови, во сенката на појасот пропаѓаат, заради што ќе требаат помалку заштитни средства за нивно отстранување
3. Дрвјата од појасите привлекуваат многу птици пеачки, кои појасите ги користат за гнездење, а тие храната која што се состои од инсекти ја наоѓаат на културите посеани меѓу појасите. Со ова се добива бесплатна биолошка заштита односно производство на органска храна.
4. Дрвјата од појасите за својот опстанок трошат доста вода, која ја извлекуваат од почвата. Со таа транспирација ја сушат подлогата, а со тоа може да се постигнат два ефекта.
- ако теренот покажува тенденција на заблатување, појасите ќе ги спуштат подземните води под нивото на коренот на културите, што ќе овозможи земјоделско производство на заблатени терени со високи подземни води.
- ако пак подземните води се солени, каков што е случајот со Овчеполието и дел од Повардарието „Солената Долина“, појасите со задржувањето на подземните води на одредена длабочина овозможуваат земјоделско производство на солени почви кои инаку, како такви се неупотребливи. 


Според мене зачудувачки е што и сега, во Овче Поле со бунари се вади солена вода и со неа се полева, а кога концентрацијата на солта ќе се зголеми тие почви ќе станат неупотребливи, а нивната санација скоро невозможна.
Бидејќи степата е најчестиот терен на кој ги изведуваме нашите орнитолошки активности и појасите се постојана мета на опсервација, со жалење можам да констатирам дека иако се уште се присутни, ги имаме само како споменик и сведок на професионална несовесност, и на недостаток на знаење за нивните вонредни функции што може да ни послужат токму во наредниот период. Преостанатите појаси ниту ја имаат проектираната конструкција, ниту потребната продувност, никој не е обврзан ниту заинтересиран за нивното одржување. Насекаде ги користат за собирање дрва за огрев, ги сечат и палат, а земјоделието, за чии потреби се подигнати, постојано атакува за нивно уништување.
Според мене, уште пожално е што и шумарството не покажува никаков интерес, најпрво правилно да ги информира и едуцира корисниците на појасите, а потоа да стане услужна гранка при земјоделието во нашата степа, за реконструкција и одржување на проектираните функции на истите.
Ова размислување добива во тежина во контекст на претходно споменатиот тропски климатски период, кој надоаѓа, а за кој се уште никој ни на државно ни на локално ниво ништо не проговорил.

Автор: Томе Лисичанец
Извор: Наши Шуми бр. 51 - мај 2011 год.


No comments:

Powered by Blogger.