Дрвокрадците ги соголија планините во Западна Македонија


Разновидната густа и висока шума од шарпланинскиот масив полека исчезнува, реагираат тетовските планинарски друштва. Дрвокрадците секојдневно ги пустошат пределите каде ги организираме планинарските походи, велат од планинарскиот клуб „Јелак”.
Најопустошени се месноста „Три Води”, шумата над селата Варвара и Џепчиште, а во делови од пределот кон врвот Кобилица, дрва речиси нема.
-Во последно време шумските области низ кои поминуваме повеќе не можеме да ги препознаеме. Високите раскошни дрва кои ја формираа длабоката сенка пријатна за планинарење, повеќе ја нема, вели Александар Стојаноски Цули, познат тетовски планинар.
-Ваквите незаконски дејствија му нанесуваат голем удар на туризмот и залудни се нашите обиди да ја развиваме оваа стопанска гранка, вели Стојановски.
Нелагалната сеча на шума голема штета нанесува и на еколошки план. Големите дрва се природно живеалиште на безброј животни и ендемски растенија а дрвокрадците крадат ги најквалитетните дрва, кои се плодоносни и кои служат за обновување на шумата и за одржување на изворите со вода.
Со непланската сеча, животните заминуваат или изумираат, а изворите полека пресушуваат. Со уништување на шумата практично се менува и целата микроклима, предупредуваат екологистите.

Шумската мафија слободно на лице место ја пустоши шумата, додека полицијата се фали со запленети едвај 100 кубни метри дрва

За време на планинарењето слушаме звук на моторни пили кои ја соголуваат шумата, но, на терен досега не сме виделе никаква контрола, ниту од „Македонски шуми” ниту од Шумската полиција. Ваквата состојба дрвокрадците ја користат, па дури отворени се и пристапни патишта за транспорт на украдените дрва, вели Снежана Новаковска од планинарскиот клуб „Тетекс”.
Наместо низ градските продажни плацеви полициската акција „Гора” треба да се спроведува по планиските подрачја и шумската мафија треба да се рабие на лице место каде се крадат по илјадници кубни метри дрва, мора да се делува превентивно, смета оваа искусна планинарка.
На пределите каде што бесправно се сече шумата се појавуваат и ерозии на земјата а лековитите ендемски билки, кое своето живеалиште го нашле покрај раскошните дрва со големи корени карактерстични само за шарпалнинскиот масив, сосема исчезнуваат.

Шумската полиција со 2 возила кои се постојано во дефект и без доволно гориво, ја брани шумата од дрвокрадци

Тетовскиот регион е опкружен со планините Сува Гора, Жеден и Шар Планина. За сите овие планински области треба да се грижат 17 шумски полицајци кои немаат услови професионално да ја обавуваат нивната работа.
„Често пати теренските возила со кои располагаме се во дефект или пак немаме доволно гориво, па и ако ни дојават дека се врши дива сеча на шума, не сме во можост да ја спречиме ваквата појава“, велат од Шумската полиција од Тетово.
Од таму сметаат дека дрвокрадството може да се спречи само со воведување на реонска полиција, која ќе биде постојано на терен и која ќе треба да сноси одговорност за секое украдено дрво. Сега одговорноста за сечата никој не ја презема.
„Шумската мафија секогаш е чекор пред нас. Таа е далеку технички поорганизирана, во која се вклучени голем број лица сите со различни задачи. Некој чува стража, други сечат трет транспортира и на крај се продава огревното дрво на претходно договорен купувач. Ваквиот организиран криминал придонесува во тетовско да се крадат по 100 кубни метри огревно дрво, чија цена на пазарот достигнува до 5000 евра“.
Според некои груби проценки можеби на шарпланинскиот масив е иссечена над 50 % висококвалитетна шума. Најтрагично е што дрвокрадците ги сечат дрвата по ред без разлика дали се стасани за сеча или пак се работи за семено стебло, потенцираат од Шумската полиција.
За да се намали дрвокрадството, сметаат од шумската полиција, треба да се организираат повеќе селски сечи, затоа што секое семејство од високите планински села се грее со огревно дрво, кое не е во можност да го транспортира од градските плацеви и најчесто се снабдува со дрва од блиската шума, па ако нема легална се одлучува да врши нелегална сеча.
Дополнителен проблем е неефикасното судство, каде судските процеси за дрвокрадците траат долго а тие во меѓувреме повторно ја пустошат шумата.
Од Ј.П Македонски Шуми подружница „Лешница” истакнуваат дека се свесни за масовната нелегална сеча на шума, но нашите ингеренци за спречување на ваквата појава се укинати. Со законот донесен во собранието минатата година, повеќе не е дозволено шумочуварите од нашето претпријатие, да ги контролираат шумските подрачја при евентуалните кражби на дрва.
Од Министерството за Земјоделство Шумарство и Водостопанство се правдаат дека теренските возила на Шумската полиција биле во постојани дефекти бидејќи теренот каде патролираат е многу лош, стрмен нерамен и со дупки , но министерството како што велат ги прави сите напори да ги одржува во возна состојба.

Извор: /novatv.mk/


No comments:

Powered by Blogger.