Цела Македонија е една мирислива аптека


Питомите македонски полиња, пред сѐ оние затскриените, на повисока надморска височина, на повеќе од 500 метри, се вистинска шарена оаза на разни, најчесто лековити билки. Но, освен што се мелем за нашите очи, тие, барем според експертите, се и вистинска фабрика за здравје. На нив растат најмалку 350 лековити растенија, кои се познати во фармакологијата за производство на лекови. Токму тоа, меѓу другото, овозможило низ стотици години на овие наши простори да живеат здрави луѓе, со здрави поколенија.
Врвните професионалци од оваа област велат дека билките што растат на нашите полиња се искористени во производството на храна, разни чаеви, во фармакологијата за лековити препарати, но и во парфимеријата, во козметички производи и парфеми. Сепак, потенцијалите се поголеми од искористеноста.
Македонски ливади ги мамат пчелите и другите инсекти со мирисот на мајчина душичка, кантарион, камилица, поддапче, невен, нане, ајдучка трева, маточина, жалфија, планински чај, диво оригано…

Нема плантажно одгледување

Проф. д-р Зоран Димов од Земјоделскиот факултет во Скопје објаснува дека Македонија е извонредно погоден терен за голем број самоникнати лековити растителни видови.
– Како и во многу земји, и кај нас постои традиција на собирање растителен материјал од дивата флора, а за некои исушени делови од лековити растенија тоа сè уште претставува и единствен начин да се обезбедат како суровина. Со својата местоположба и микроклима, Македонија е извонредно погоден терен за голем број самоникнати лековити растителни видови што може да се сретнат на надморска височина од 1.000 до 2.700 метри, од кои 350 се комплетно проучени од современата фармација и медицина, со што е докажано нивното лековито својство – вели професор Димов.
За подобра искористеност на природните услови тој го посочува плантажното одгледување.
– Според „Трафик интернешнел“ (организација за следење на трговијата со лековити билки), 90 отсто од лековитите и ароматични растенија (ЛАР) што потекнуваат од Европа се собираат од природната флора. Само на европскиот континент во последната декада порастот на примената на овие растенија изнесува во просек 10 отсто годишно. Од тие причини, во последно време големо внимание се посветува на одгледувањето одделни растенија, чии биолошки активни материи се основна суровина во производство на многу лекови, односно аромати за разните прехранбени и козметички производи. Во Македонија континуирано плантажно производство од некое лековито (ароматично) растение има единствено кај афионот, кој во последниве пет години се одгледува на просечна површина од околу 480 хектари, што е недоволно – истакна професорот Димов.
Кај преостанатите лековити и ароматични растенија плантажно одгледување се изведува на помали површини, кои статистиката и не ги регистрира. Како резултат на претходни договори со некој откупувач, се садат одредени површини со некои лековити растенија, на пример маточина, невен, нане, камилица, оригано…, но тоа не е организирано, ниту континуирано.


Виреат повеќе од 3000 видови билки

Илчо Захариев, магистер по фармација и познавач на растителниот свет кај нас, нагласува дека Македонија има извонредна географска положба, одлична клима, како и релјеф, голем број сончеви денови, што овозможува на ова поднебје да растат повеќе од 3.000 вида виши растенија (билки, цвеќиња, дрвја…), од кои 1.000 имаат лековити својства, а 500 се стопроцентно лековити.
– За споредба, во Велика Британија може да се сретнат само 800 виши растенија. Освен тоа, нашите полиња се незагадени, бидејќи, за жал, речиси и немаме индустрија, фабрики. Меѓу најчистите краеви се Овче Поле, Пијанец, Малешевијата, Мариово, Дебарца, Азот.., каде што може да се најдат десетици лековити растенија на една ливада.Токму затоа, сѐ повеќе наши домашни билки се користат за производство на лекови, но се извезуваат и во странство – вели Захариев.
Тој додаде дека аромата од етеричните масла, која на билките им дава опојна миризба, е прекрасен природен еликсир.
– Во последно време македонскиот народ сѐ повеќе им се враќа на корените и ме радува тоа што сега сѐ повеќе луѓе собираат чаеви, почесто престојуваат и се интересираат за природата. Секој треба да го користи она што расте во неговата околина – вели Захариев.
Овие тврдења во практиката ги потврдува билкарот Атанас Пчеларски, кој долги години приготвува лековити препарати само од лековити растенија што растат на нашите полиња.
– Цела Македонија е една мирислива билна аптека, а тоа го овозможуваат сонцето и прекрасната клима. Македонските полиња имаат во себе здравје и енергија, скапоцени за нашиот народ. За мене нашите зелени цветни ливади се македонското здравје, особено поради тоа што на повеќе од 500 метри надморска височина сите растенија се незагадени, бидејќи ливадите не се прскаат – ни рече Атанас Пчеларски.

Билкарството алтернатива на тутунопроизводството

Компанијата „Флорес“ се занимава со откуп и со преработка на лековити растенија, кои наоѓаат примена во фармацијата, парафармацијата, во прехранбената индустрија како зачини, како и во алкохолната индустрија.
Миле Ѓозев, директор на „Флорес“, вели дека од она што тие го произведуваат, му продаваат суровини на „Алкалоид“ за чаеви, а сѐ друго оди за извоз.
– Во Македонија потенцијалот е голем, но, за жал, недоволно искористен. Уверен сум дека алтернативата на тутунопроизводството е билкарството. Оваа гранка е 100 проценти извозна. Но истовремено е и оптоварена со еколошки такси од 1 до 15 денари по килограм, како и со шумски такси. Без да се има еколошка дозвола не може да се направи извозот. Стимулации за извоз нема, со исклучок на еден мал дел култивирани билки за кои има субвенции. Ние немаме пазар да го пласираме нашето производство, па извезуваме на Балканот, во Германија и во Франција – вели тој.



No comments:

Powered by Blogger.