Измамени синдикалците од „Фени“, им продале лажни дрва


СВР Битола до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против шест физички лица и против фирмите „Прлица“ од Прилеп и „Дејо интернационал“ од Скопје поради основано сомнение дека переле пари и ја измамиле синдикалната организација на „Фени индустри“ продавајќи им непостоечки дрва за огрев. Осомничени се лица од Прилеп, Крушево, Скопје, Битола и од Велес.
Четириесет и едногодишниот И.К. од Прилеп, основач и управител на фримата „Прлица“, заедно со 34-годишниот Ј.Х. од Крушево, сопственик на фирма што се занимава со трговија на огревно дрво од Крушево, на почетокот на годинава склучиле договор за продажба на огревно дрво за синдикалната организација на Фени индустри од Кавадарци. Фирмата „Прлица“ се јавува во улога на продавач и со договорот се обврзала да испорача 2.800 кубни метри дабови дрва од прва класа и 700 кубни метри букови дрва од прва класа. Купувачот требало да ги плаќа дрвата на шест еднакви месечни рати.
Паричните средства за првите три рати, кои биле уплаќани на жиро-сметката на првопријавената фирма, веднаш биле извлекувани, паралелно со нивниот прием и без какво било реално покритие дека фирмата имала какво било работење. Фирмата немала никакво работење пред и по договорот со синдикалната организација на „Фени индустри“, немала какви било средства за работа, ниту склучени договори за набавка на огревно дрво.
Првопријавената фирма немала деловни односи со второпријавената фирма „Дејо Интернационал“ од Скопје, преку која, пак, противправно биле извлечени паричните средства од втората рата извршена од синдикалната организација на „Фени индустри“- Кавадарци. По исплатените три рати на сметка на ДООЕЛ „Прлица“ во висина од 3.650.000 денари продавачот на 13.05. годинава го известил синдикатот на Фени дека не е во можност да ги обезбеди договорените количини на огревни дрва.
Пријавените лица И.К., Ј.Х., како и 45-годишниот Д.Б. од Скопје, сопственик на второпријавената фирма, 29-годишниот Н.Д. од Велес управител во првопријавената фирма, 43-годишниот Г.Н. од Прилеп, во својство на книговодител на пријавените фирми, но и на фирмата од Крушево, и 64-годишниот С.Д. пензионер, кој што ја ставил својата лична трансакциска сметка во функција на противправните активности - имале за цел - со вршење трансакции да се извлечат паричните средства од сметката на „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, која не е регистрирана за вршење таква дејност, и да се прикрие патот по нивното подигнување.
„Фени Индустри“ повел судски спор во ОЈО Велес. Пријавените, секој во својот домен, примале и вршеле пренос на парични средства со цел да ги прикажат трнсакциите меѓу себе како тековни активности на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп. На таков начин извлекле и противправно присвоиле парични средства во вкупен износ од 3.650.000 денари.

No comments:

Powered by Blogger.