Пошумување во централното подрачје на Р. Македонија


Најголем дел од голините во Република Македонија во седумдесетите години на минатиот век биле во централниот дел на државата на потегот меѓу Титов Велес – Свети Николе - Штип - Неготино - Кавадарци. Овој регион кој зафаќа повеќе од 100.000 ха.
Тука се застапени голините, а и условите за пошумување се најтешки (најеродирано, најсуво, најтопло, најненаселено подрачје). Силно развиената ерозија на ова подрачје и отсуството на вегетација остава слика, речиси на пустина.
Токму заради тоа во периодот од 1972 год. се вложувани посебни напори за пошумување на ова подрачје, со учество на околните општини (Т. Велес, Св. Николе, Штип, Неготино и Кавадарци) и со помош на Републичкиот совет за пошумување и Собранието на град Скопје, да се организира позабрзано пошумување. На територијата на овие општини во 1976 1977 год. се пошумени преку 3.000 ха голини, со што се започнало во совладувањето на тешкотиите на ова подрачје. Ваквите систематски акции се потврда повеќе дека во секаде во Македонија може да се пошумува.

Како и со што се пошумувало

Пошумувањата од 1945 до 1967 година се вршеле главно во дупки копани со рака, при што најзастапени видови биле багрем и други широколисни видови, ретко иглолисни. Се саделе од 4.000 до 5.000, па и до 10.000 садници на 1 ха. После овој период, пошумувањата се вршат во кордони копани со механизација по изохипси (со трактори и булдожери). Кордоните се орале на длабочина од 40-70 см и ширина од 70-90 м, со едно или двобраздни плугови. Земјата се враќала со булдожерката брана или со рака. Растојанието меѓу кордоните изнесувало 4-5м, а должината 2-2,5 км на 1 ха. Со еден булдожер дневно се подготвуваат 3-5 и повеќа хектари.
Благодарение на механизацијата во подготвителните работи, овозможено е брзо совладување на големи површини голини, што инаку не би можело да се замисли. на овој начин овие, т.н. земјени работи, кои се многу важни за прифаќање на натамошно успешно напредување и виреење на насадите. На овој начин пошумувањето е поквалитетно, побрзо и поевтино. Со копање на подлабоки кордони по изохипси до максимум се обезбедува толку потребната влага на растенијата, а истовремено се спречуваат ерозијата и натамошното деградирање на земјиштето. Оваа мерка со текот на годуните ќе покаже дека е најефикасен начин за борба против ерозијата, а со склопување на подигнатите насади, шумата и понатаму ја врши својата благотворна улога.
На голините кои се пошумиле со одлука на општинските собранија, било забрането напасување на добиток. На тој начин доаѓа до побрзо обновување на приземната вегетација, која иста така има голема улога во против ерозијата, од една страна, а од друга во најголема мера придонесува до постапно облагородување на деградираното земјиште.
- Нашите површини што се пошумуваат, со работите раководат шумарски стручњаци, со што се обезбедува квалитетно извршување.
- Пошумуваните голини, се чуваат и ретко се забележува какво било оштетување.
Паралелно со тоа, се води сметка и за навремено откривање на разни болести и штетници и за нивно брзо искоренување.
Благодарение на сите овие и други мерки подигнатите насади многу успешно напредуваат и веќе објектите од првите години (1971, 1972, 1973 г. ) претставуваат современи шумски комплекси кои и им се предаваат на понатамошно одгледување и стопанисување на постоечките субјекти. Овие комплекси истивремено импресионираат, но и предупредуваат дека е голема штета што не се пошумувало и порано. Но овие млади шумски насади и ги обврзуваат граѓаните да го изменат својот однос кон шумите, да грижат за нив и да ги чуваат од секакви оштетувања. - Пошумувањата се вршени со квалитетни видови дрвја, претежно иглолисни (70-75%) и широколисни (25-30%). На овој начин нашето подрачје се збогатува со квалитетни шуми.
Од иглолисните видови најмногу е застапен црниот бор, кој успешно се развива во сите подрачја, па и најсушните, белиот бор на повисоките терени, делумно брускиот бор и аришот, приморскиот бор и други.
Се настојува да се прошири и кедарот кој, иако е нова култура во овој приод, одлични се покажал, како и аризонскиот чемпрес. На овој начин, новоподигнатите шуми ќе претставуваат вистинско богатство.
- Од широколисните видови, сеуште најмногу е застапен багремот за кој постои и интерес од страна на индивидуалните производители, но се застапуваат и другите видови, меѓу кои липата, брезата, јасенот, јаворите, дивата маслинка и други.
Со широколисните видови се настојува низ подигнатите насади да се засадуваат појаси како заштита од пожари, разбивање на монокултурата и разновидност во колоритот.
Исто така, од овој период за одбележување е дека во изминатите неколку години се направени и првите обиди за засадување на големи површини со питом костен и питом орев. Се смета дека од овие видови се имаат посадено околу 400 – 500.000 садници, што одговара на околу 1.000 ха површина (Крива Паланка, Виница, Делчево, Скопје). Покрај тоа, во овој период се произведени и засадени 15.000 калемени ореови садници од одбрани македонски сорти. Се настојува во иднина да бидат и понатаму застапени овие и други плодоносни дрвја (бадеми, лешници и др. ), со што се збогатуваат уште повеќе подигнатите насади.

  
На подрачјето на градот Скопје има преку 15.000 ха голини. За овој град, како голем индустриски центар, пошумувањето има огромен значај.
Постарите жители на Скопје ја паметат планината Водно како беше оголена и еродирана пред војната. Од пороите на Водно не беше поштеден ни самиот град, чести беа поплавите и големите штети. Денес, меѓутоа Водно преставува вистинска зелена оаза за Скопје. Нема веќе ерозија и поплави благодарение токму на тоа што Водно е озеленето и очувано. Пошумувањето на Водно во периодот 1978 – 1958 год. е очигледен пример за огромното значење на тогашната акција. Сега пак, со сегашните пошумувања на голините околу Скопје, почнувајќи од Водно, северозападно до село Љубин па над село Кондово, над Кучково на Скопска Црна Гора, кај село Миладиновци и кај Маркова Река – се создава огромен зелен прстен од квалитетни шуми што ќе преставуваат вистинска заштита на големиот град. Од 1972 до 1977 година околу Скопје се пошумени над 4.000 ха.

Извор: Наши Шуми бр. 56-57 – јули 2012 год.


No comments:

Powered by Blogger.