Пошумувањето во Република Македонија- долгорочна стратешка определба


“Голините во Р. Македонија зафаќаат големи пространства. Се цени дека тие се простираат на околу 340.000ха. Слабото или целосно отсуство на секаква вегетација и развиената ерозија ги прават овие пространства сосем некорисни, па затоа нивното облагородување добива карактер на национален проблем и задача.» Овој цитат стои како дел од воведот во брошурата «Пошумување на голините во Македонија», издадена од Советот за пошумување на голините во Македонија, во 1978 год.
Имајќи ја предвид актуелноста на проблемот со голините во Македонија, како и фактот дека и постоечките шуми се на удар на бесправно и непланско сечење, опожарување и болести, се наметнува заклучокот за постојана обнова на шумите.
Акцијата “Денот на дрвото” која се одржува под мотото-”Засади ја својата иднина”, како масовна акција за пошумување започна на 12. март, 2008 год. кога во еден ден се засадени вкупно 2.035.000 садници, онолку колку што има жители во Република Македонија, за секој жител по едно дрво.
Претходница на оваа акција се пошумувањата на голините со долгорочната Програма за мелиорација на голините (1971-1990), донесена од Собранието на СР Македонија во далечната 1970 год.


Како се реализира програмата за пошумувањето

Во далечната 1971 год. е формиран Фонд за пошумување на СР Македонија. Управниот одбор на Фондот наложил на сите општински собранија да формираат координативни тела за пошумување и да изработат програма за подрачјето кое го опфаќаат. Според определена методологија секое собрание ги определува динамиката и потребните средства. Според тие програми се определени трошоци кои ги надминувале пресметките на Фондот и затоа изработува посебни задолжителни критериуми и услови според кои ќе се врши пошумувањето на голините:
- Објектите кои ќе се пошумуваат да бидат на стрмни и еродирани површини и да претставуваат поголеми комплекси, не помали од 50 ха, заради порационално подигање, одгледување, заштита и чување.
- Трошоците за сите подготвителни (земјени) работи на објектите паѓаат на товар на општинските собранија, односно организациите кои ќе пошумуваат.
- Во трошоците за садење, пополнување, одгледување во траење од 5 години и чување, Фондот учествува со 80%, а општините, односно организациите со 20%.
- Потребните садници (2.500 парчиња на 1ха) ги доделува Фондот бесплатно, како и 500 садници за пополнување.
- Бесплатни садници се доделуваат на индивидуални корисници за пошумување сопствени површини, на месни заедници, училишта и др.
- Организациите што пошумуваат се обврзуваат подигнатите насади да ги чуваат и одгледуваат во траење од 5 години, а потоа им се предава на трајно стопанисување, според прописите, на шумско-стопанските организации.
- Исплатата од страна на Фондот се врши по извршените одделни фази на работа, врз основа на договор и според правилото, по извршениот увид.
- Претходно, општинските организации ги обезбедуваат сите потребни документи (одлуки и решенија).


И покрај сите овие мерки, во првата година на реализацијата на програмата (1971) биле пошумени само 348 ха. Но, наредните години, благодарение на се поголемото разбирање за потребата од пошумување, подобрата организираност, а пред се на помасовната и поуспешна примена на механизацијата, програмата се реализира се поуспешно.
Така во периодот од 1971-1975 год. биле пошумени 8.736ха, од планираните 5.000 ха, а заедно со пошумените ридско-планински терени на површина од 1.000 до 1.500ха од страна на индивидуалните земјоделци, програмата во првиот петгодишен период е реализирана со повеќе од 200%.
Со такво и позабрзано темпо се продолжува и во вториот петгодишен период (1975-1980) За овој период, предвидените 10.000 ха само за првите две години се натфрлени вкупните планови. Со успешното спроведување на програмата се покажало дека, за релативно краток период може да се надмине проблемот на голините.
Според податоците кои ги наведува Советот за пошумување на голините, иако се постигнати вонредни резултати, тие не се еднакви во сите општини. Најмногу е постигнато таму каде што имало доволно сознанија и разбирање за проблемот на голините, како и ангажманот на одговорните структури во тие средини. Од прегледот за периодот од 1971-1977 година, се гледа вкупниот придонес на определени општини при што како позитивни се одделуваат Крива Паланка 4.211 ха, Скопје – 4.040 ха, Титов Велес со 1.770 ха и Битола-1.684 ха. Во овој период се засадени садници на површина од 19.140 ха, а со дополнителните садници кои се бесплатно доделени на повеќе општини се засадени 1.979 ха.
Советот за пошумување со републички средства ја организира, координира и помага активноста, додека главни носители на реализацијата се општините, карактеристичен пример, кој е наведен како позитивен е гимназијата во Берово, која редовно за целиот опфатен период пошумувала континуирано по 70-80 ха годишно. Учениците за тоа не добивале награди, но затоа, гимназијата како организација ги добивала средствата кои понатаму се користеле за подобрување на ученичкиот стандард. Примерот на оваа гимназија претставува претеча за еколошка свест на учениците и одговорност при извршување на пошумувањето.

Извор: Наши Шуми бр. 54 - февруари 2012 год.


No comments:

Powered by Blogger.