ЈП “Македонски шуми“ доби на подарок 4 нови возила за гаснење шумски пожари



Убава вест пристигнува од ЈП “Македонски шуми“ од каде информираат дека од Дирекцијата за заштита и спасување им се подарени 4 специјални наменски возила наменети за гаснење на шумски пожари. Станува збор за отстапување на противпожарни возила за брза интервенција при појава на шумски пожари од страна на Дирекцијата за заштита и спасување-Скопје. Ваквите возила и се повеќе од потребни на ЈП “Македонски шуми“, бидејќи последниве години поради слабата опременост тешко се справува со шумските пожари.
Но... Се надевам дека нема веднаш да им биде извадена опремата за гаснење шумски пожари, па да завршат и како претходната донација од противпожарни возила од Турција, односно да се користат за све, само не за она за што се наменети.

Исклучително важни возила со специјална опрема

Според информации од јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми, денеска во Дирекцијата за заштита и спасување-Скопје се потпишал Договор за примопредавање на 4 (четири) специјални противпожарни возила марка Great Wall Steed 5, врз основа на Одлука на Владата на РМ, меѓу ЈП “Mакедонски шуми“ и Дирекцијата за заштита и спасување.
Договорот го потпишалеДиректорот на ЈП “Македонски шуми“, г-дин Зоран Ѓорѓиев и Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на РМ, г-дин Аднан Џафероски во присуство на претставници на двете институции.


Тие известуваат дека соработката на ЈП “Македонски шуми“ и ДЗС е долгорочна и успешна во рамките на меѓуинституционално ниво. Во моментов таа соработка ја продожуваат и зацврстуваме и со потпишувањето на овој меѓусебен договор со кој на ЈП “Македонски шуми“ и се подаруваат специјални возила “за прв одговор“ Great Wall Steed 5, 4x4 со резервоар и пумпа, кои досега ги користеше Дирeкцијата за заштита и спасување. 
 “Статистиката за бројот на шумските пожари и штетите кои тие ги предизвикуваат е алармантна. ЈП “Македонски шуми“ во континуитет работи на превенција од пожари со примена на Мониторинг системот за рано откривање на пожари, но за жал и тоа не е доволно. На ЈП “Македонски шуми“ секогаш и недостасува потребна механизација за итна и навремена интервенција. За таа цел, Владата на РМ донесе Одлука за давање на времено користење, без надоместок на 4 (четири) специјални теренски возила за гаснење на пожари. Се надеваме дека, со имплементација на овие специјални возила во системот на заштита од шумски пожари, ефикасноста во гаснење на пожарите ќе се зголеми што е и наша заедничка цел. Со потпишувањето на овој договор за преземање на возилата не престанува нашата соработка со ДЗС туку напротив, ќе настојуваме таа да се интензивира и доведе на задоволувачко ниво со постигнување на континуитет и навремено заедничко делување. ”- изјавија директорите на ДЗС Аднан Џафероски и на ЈПМШ  Зоран Ѓорѓиев.


Како што известуваат од ЈП “Македонски шуми“, специјалните противпожарни возила ќе бидат распределени во 4 ПШС, од кои едно во ПШС “Караџица“ - Скопје, со што ќе се помогне за побрза интервенција при гаснење на пожари на целата територија на нашата држава.

Мора да ја смениме нашата свест за изигрување на системот

Имам впечаток дека во изминатиот период станавме мајстори за “изигрување на системот“ и делување спротивно на правилата, законите и здравиот разум. Искрено сакам конечно да ја видам нашата држава и шумарството како здрави и функционални системи, во кои се почитуваат законите и правилата. Сакам да го видам ЈП “Македонски шуми“ како почитувано и силно претпријатие, кое успешно ќе се справува со предизвиците со кое ќе се соочува при своето работење.



Затоа, во иднина со големо внимание ќе ја следам сотојбата и употребата на овие противпожарни возила, бидејќи секогаш постои можност поради несериозен и ноншарлантен однос на одредени лица, во моментот кога ќе бидат најпотребни да не бидат употребливи за онаа намена за која се отстапени. Ова го кажувам од причина што постојат сериозни загриживачки индиции и сомнежи за нивната иднина, но тое засега се е во доменот на шпекулациите.
Колку за потсетување, ова не е прво помагање на ЈП “Македонски шуми“ со противпожарна опрема. Во 2010 година Турската Администрација за Развој и донираше две специјализирани возила за гаснење шумски пожари и опрема во вредност од 300.000 евра, но според непотврдени информации кратко после донирањето голем дел од опремата мистериозно исчезнала. Тоа не смее да се случи со овие возила и нивната опрема да заврши расформирана во некој склад, туку да бидат постојано подготвени во секој момент да послужат за намената за која се одстапени. Доколку се случи такво нешто, одговорните ќе бидат на удар од јавноста веднаш по појавата на првите шумски пожари.


Презентација на опремата донирана во 2010 година од Турција

Инаку, ваквите возила се исклучително потребни и се вистински “благодет“ за ЈП “Македонски шуми“. Затоа се надевам дека опремувањето на ЈП “Македонски шуми“ со опрема за справување со шумски пожари тука нема да застане и во иднина ќе се набават уште вакви возила збогатени со мали цистерни, но и возила како малиот камион-цистерна кој беше дониран од Турската Администрација за Развој.
Можеби одговорните лица треба сериозно да размислат за формирање на неколку регионални центри за справување со шумски пожари, кои ќе бидат опрепени и обучени за справување со ваквите предизвици. Тие би биле рамномерно распоредени низ државата и би биле способни веднаш да интервенираат при појава на шумски пожари, бидејќи секоја задоцнеата интервенција го прави потешко нивното локализирање.


No comments:

Powered by Blogger.