Дрвјата во дворовите не смеат да се сечат без дозвола



Граѓаните се обврзани да добијат дозвола од градските власти ако сакаат да ги сечат дрвјата од своите имоти, за да се запази безбедноста, за заштита на животната средина и за да има непречен транспорт на исечените дрва до други корисници на дрвната маса, велат од градот.

За да се зголеми безбедноста на соседите

Ризикот од тоа дрвото да се скрши, да удри гром во него, или едноставно да падне од старост е доста голем. Од тие причини граѓаните сами или со помош на некој пријател ги сечат дрвјата во своите дворови, иако целата постапка претставува голем ризик за нивната безбедност. Токму затоа, за да се намалат ризиците од несакани повреди или штети по соседските имоти, потребно е да се има дозвола за сечење на старите високоризични дрвја.

Се сечат високоризични дрвја

Граѓаните коментираат дека настануваат големи проблеми поради непромисленото сечење на високите дрвја.
- Еден од соседите сечеше огромна топола стара 20 години. Тополата беше висока колку една од соседните згради. Целата ситуација изгледаше како оние емисии што ги даваат на телевизија. Кога почнаа да ја сечат тополата од горниот дел, трупци летаа насекаде. Но бидејќи дрвото беше старо, се скрши и падна на покривот на еден од соседите. Му пропадна целата покривна конструкција, па човекот што сечеше мораше да му го плати санирањето на штетите. Среќа во несреќа е што тој немаше никој во домот - вели Гоце Зафировски, жител на скопски Чаир.
Според него, не е првпат да се прават вакви ризични сечи на дрвја во приватни дворови. Најчесто тоа се прави за дрвната маса да се користи за греење, без да се води сметка за безбедноста на околината.
- Не е првпат да се случи вакво нешто. Меѓутоа никој во медиумите не дознава за тие проблеми, затоа што нема кој да ги раскаже. Да се исече дрво на своја рака претставува сериозна потенцијална опасност. Сметам дека треба да се викнат стручни лица да го направат тоа. Не може секој како ќе му текне да си сече дрво високо и до 20 метри - појаснува Зафировски.
Граѓаните што сакаат да ги исечат дрвјата што им пречат мора претходно да добијат дозвола од градот Скопје. Без таква дозвола, сечењето е нелегално.

Нема сеча без дозвола

- Граѓаните се обврзани да добијат решение за сечење дрвја од приватни површини поради повеќе причини поврзани со комуналниот ред, за заштита на животната средина, но и за да можат непречено да ги транспортираат исечените дрва од приватните површини до пилани, складишта или, пак, до други корисници на дрвната маса собрана со сечењето - велат од градот. Сепак, сечата на дрвото може, но не мора да ја изврши ЈП „Паркови и зеленило“.
- За сечење дрво од приватни дворови мора да се добие решение за сечење од секторот за комунални работи на градот Скопје, а понатаму сечењето не мора да го извршиме ние. Луѓето можат да го исечат или да побараат од некое друго лице тоа да го направи или, пак, да се обратат и до нашето претпријатие за да го исечеме дрвото. Тоа останува на граѓаните, како ќе сакаат така да постапат - велат од претпријатието.

Педесет евра од час ако дрво ви сече јавно претпријатие

Од ЈП „Паркови и зеленило“, пак, велат дека ако граѓаните сакаат да сечат некое дрво, може да ги побараат и нив.
- Цените за сечење дрвја зависат од дебелината на дрвото и од времетраењето на ангажирање на специјалното возило со кошница. Цената е 3.300 денари од час. Ценовникот по кој работи „Паркови и зеленило“ е утврден и усвоен од страна на Советот на градот Скопје и го има во градот, така што странката кога ќе го поднесува барањето за сечење може да побара да го види ценовникот - велат од претпријатието.

Каква е постапката ако сакате да исечете дрво?

Од градот велат дека постапката за добивање решение е многу едноставна и брза.
- До секторот за комунални дејности се поднесува барање во кое се внесуваат личните податоци на барателот (име и презиме, улица, контакт-телефон), предмет на барањето, како и краток опис на барањето. Образецот на барањето може да се добие на шалтерот во Архивата на градот Скопје или да се симне од веб-страницата, од колоната формулари. Административната такса за барањето е од 50 денари, која се плаќа на уплатница, но може да се уплати со платежна картичка на шалтерот на градската архива преку ПОС-терминалите. Градот Скопје, во согласност со законот, носи решенија за сечење дрвја за територијата на сите скопски општини. По добивањето решение за сечење дрва на приватни површини, сечата ја вршат сопствениците самостојно - велат од градот.

No comments:

Powered by Blogger.