Со автомат изрешетани шумари (настан од 2006 година)


Да нема забуни, оваа вест е од 2006 година, но ја постирам за да се потенцира со какви опасности се соочуваат шумарите при вршењето на своите редовни обврски и за решителноста на шумската мафија да ја задржи контролата врз шумите и црниот бизнис. Дента кога се случи овој немил настан, Бајрам беше кај мене во канцеларија и се жалеше дека не може повеќе да ги трпи секојдневните притисоци и заканите и дека планира да си даде отказ од работа. Но за жал, шумската мафија беше побрза. 
Мислам дека тоа утро бараше прием кај некои од менаџерскиот тим да му ја соопшти својата одлука, па додека чекаше намина на кафе во мојата канцеларија. Беше вознемирен и исплашен. Тогаш не го сваќав сериозно и колку е сериозна ситуацијата, па го тешев да не се плаши дека се ќе биде во ред. Ми рече, доста е, не можам повеќе, не се издржува веќе. Како вчера да беше. Вечерта кога ја дознав веста не можев да поверувам тека тоа е истиот човек кој дента седеше со мене. Бев запрепастен како да предчувствуваше што ќе му се случи.
Кога во неврзан разговор на некого ќе му кажам дека не ни се безбедни планините во Скопско, Кумановско и Тетовско, никој не ме сваќа сериозно. Таму државата нема контола и таму владеат некои други закони.
Се прашувам дали во нашата држава на патот кон личното богатење и профитерство се изгуби човечноста кај луѓето. Така на пример, во изминативе години се изнаслушав гласини како поединци од врвот на јавното “ќе се потепале“ кој да го земе шлеперот со дрва од плацот во Петровец и да го однесе кај некој “свој“ сопственик на приватен плац, но ниту еднаш не сум слушнал дека некој од нив ја посетил фамилијата за да ги праша дали им треба некаква помош, макар тоа било и огрев за тековната година. За споредба, од искуство знам дека припадниците на шумската полиција се грижат за фамилијата на својот колега, кој на сличен начин беше убиен во заседа над село Количани, па секоја година прават напори да обезбедат дрва за огрев за неговата фамилија.
После неколку години бев на терен над селото Матејче, па вработените ми го покажаа место каде се случил тој немил настан. Чудно чувство ме обзема во тој момент. Дури мислам дека и со истиот џип се возев. Сликава ја направив тогаш.

Местото на злосторството

Веста е превземена во целост:

ДВОЈНО УБИСТВО ВО МАТЕЈЧЕ, КУМАНОВСКО

ЗЛОСТОРСТВОТО СЕ СЛУЧИЛО ВЕДНАШ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА СМЕНАТА И РАБОТНОТО ВРЕМЕ, КОГА СО СЛУЖБЕН ЏИП ДВАЈЦАТА СЕ ВРАЌАЛЕ ОД РАБОТА. МОТИВОТ ОФИЦИЈАЛНО НЕ Е ПОЗНАТ НО, СПОРЕД ОНА ШТО СЕ ГОВОРИ НИЗ КУМАНОВСКАТА ЧАРШИЈА, ШУМАРИТЕ САМО ЕДЕН ЧАС ПРЕД УБИСТВОТО СПРЕЧИЛЕ НЕКОЛКУМИНА ВО НЕЛЕГАЛНА СЕЧА, ЗА ШТО ПОТОА &"165; ПЛАТИЛЕ СО СВОИТЕ ЖИВОТИ

Педесетгодишниот Бајрам Бајрами од селото Виштица и неговиот колега, една година помлад, Ганит Рабиа, од Липково беа свирепо убиени во средата вечерта во близината на селото Матејче. Двајцата беа вработени во Јавното претпријатие "Македонски шуми", подружница Куманово, едниот како шумар, а другиот како шумски техничар. 
Злосторството се случило вечерта, дваесет минути по 19 часот, веднаш по завршувањето на работното време, кога со службеното возило "лада нива", тие се враќале од работа. На патот од манастирот кон селото Матејче, на околу шестотини метри од местото викано Букурица, засега непознат сторител од блиските грмушки пукал во возилото со автоматска пушка. Од истрелите и двајцата се директно погодени. Бајрам Бајрами починал на самото место, а Ганиа Рабит им подлегнал на повредите на пат кон Медицинскиот центар Куманово. 
Началникот на одделот хирургија Методија Димковски, кој бил и дежурниот лекар вечерта, вели дека во болницата било донесено едно лице кое веќе било починато. Хирургот го прегледал и констатирал дека му биле нанесени повеќе огнострелни рани од кои едната во абдоменот, во карлицата и лево покрај 'рбетниот столб. Куршумите погодиле една од главните артерии, поради што Ганиа им подлегнал на повредите. На двајцата им е извршена обдукција во Медицинскиот центар Куманово, со присуство на вештаци од судска медицина од Скопје, по што се предадени на семејствата кои вчера ги погребаа на селските гробишта во Виштица и Липково. Нивните роднини и соселани не беа расположени да зборуваат за инцидентот со новинарите, на кој им беше забранет пристапот до гробиштата. 
Убиството на двајцата шумари не го коментираа ниту од кумановската подружница на ЈП "Македонски шуми". Нивните колеги велат дека шумите над Матејче се несигурно место. Според нив, таму постојано незаконски се сечела шумата, а нивните обиди да воспостават контрола биле секогаш безуспешни. Постојаното диво сечење дури во неколку наврати предизвикуваше оружени престрелки меѓу дрвокрадците, но досега немало случај на напад врз службените лица, велат шумарите од кумановската подружница на "Македонски шуми". 
Мотивот за двојното убиство, официјално не е познат. Според она што се говореше низ кумановската чаршија, се претпоставува дека Бајрами и Рабит платиле со своите животи, бидејќи само неколку часа пред убиството спречиле неколку локални селани беззаконски да ја сечат шумата. 
На местото на настанот, онаму каде што се случувало се, по пријавата пристигнале екипи на СВР Куманово кои веднаш со полициски ленти го обезбедиле периметарот. Стојман Димковски, истражниот судија од кумановскиот суд, заедно со заменик-јавниот обвинител и инспекторите од одделот "крвни деликти" извршиле увид и документирање на случајот. Со директен налог од Димковски, телата се предадени за обдукција, а џипот "лада нива", со кој се превезувале шумарите, е земен за вештачење и понатамошна постапка. 
Судијата Димковски поради тековните обврски не беше достапен за дополнителни информации, но неофицијално од судот велат дека се уште нема приведени лица поврзани со случајот. Повикувајќи се на официлајни информаци од кумановската полиција, во моментов се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот.
Инаку, сега покојните шумари Бајрами и Рабит во околината во која живееле важат за мирни луѓе кои досега никогаш немале никакви проблеми ниту со соседите ниту со законот. Бајрами веќе 20 години работел во Шумското стопанство и бил татко на пет деца, три машки и две женски. Неговиот колега, Рабит повеќе години наназад работел во подружницата "пилана" на кумановското Шумското стопанство, а само пред неколку дена бил префрлен на новото работно место.

No comments:

Powered by Blogger.